Заменик-министерот за здравство вети, но не поднесе оставка

Заменик-министерот за здравство Асим Муса се уште не поднел оставка од функцијата, иако пред една недела најави заминување од функцијата и тоа на прес-коференција во Владата, откако беше објавена видео снимка во која се слуша и гледа како тој договара операција на пациент од Албанија во болница во земјава и зема 50 евра.

Од Владата потврдуваат дека оставката не е доставена ниту до архивата ниту до кабинетот на премиерот. И од Собранието велат дека оставка од Муса не добиле.

Заменик-министерот пак објаснува дека иако оставка не поднел, не ја променил одлуката за заминување од функцијата.

– Јас заклетва дадов пред претседателот на Собранието и него ќе го информирам за моето повлекување од функцијата наредната недела. Пратениците нека ценат како ќе гласаат – вели Муса за „Слободен печат“.

Тој не дава прецизен одговор на прашањето зошто не ја поднел оставката досега.

На прес-конференцијата Муса рече дека е убеден во својата невиност и дека ќе ја докаже правдата, а ова што му се случува го нарече политичка пропаганда, односно објасни дека паднал во замка.

– Со чест и посветеност сум ја вршел својата функција, 23 години. Мојот искрен обид да им помогнам на пациентите се претвори во стапица. Во разговорот ги информирам дека тие се странски државјани, поради што треба да платат приватно за операција и им кажувам колку тоа чини по пакети. Овие пациенти постојано се обидуваат да приредат стапица во било која форма. Секој мој граѓанин и граѓанин од Албанија, секој пациент и соработник знае дека ова е стапица со која сака да ми се наштети и приватно и професионално. Ништо на видео-снимката не е реално. Нема да дозволам мојот интегритет да биде нарушен преку ваква стапица и преку бомбастични и нереални наслови – рече Муса.

На новинарските прашања не сакаше да одговара, туку откако ја даде изјавата си замина од прес-центарот на Владата.

ДУИ ја поздрави одлуката за поднесување на оставка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот