Законот за заштита од заразни болести и ребалансот на буџетот во вторник пред пратениците

Та
Талат Џафери/ Фото: МИА

До седницата се очекува да заврши изолацијата на тројцата пратеници кои беа позитивни на ковид-19. Џафери рече дека тие се во добра здравствена состојба.

По бројните натегања и блокади од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, ребалансот на Буџетот и Законот за заштита од дискриминација, спикерот Талат Џафери вчера пресече. Законите ќе се најдат на собраниска седница во вторник на 27 октомври.  

На седницата, доколку се постигне договор меѓу парламентарните партии, би можело на дневен ред да се стави и изборот на Уставен судија.

До седницата се очекува да заврши изолацијата на тројцата пратеници кои беа позитивни на ковид-19. Џафери рече дека тие се во добра здравствена состојба.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ воздржани

По одлуката на собранискиот спикер, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека ќе присустуваат на седницата само поради кворум, но за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе бидат воздржани, бидејќи, како што нагласија, со Законот не се решаваат клучните проблеми на граѓаните.

– Самиот Закон за заштита од заразни болести не нуди решенија односно мерки кои ги очекуваат граѓаните, туку тие треба да ги достави Владата. Во самиот вовед на законот пишува дека се наметнува потреба за ревидирање на прекршочните одредби од Законот за заштита на населението од заразни болести што е сосема поразлично од она што го кажува изминатите два дена министерот за здравство Венко Филипче. Ќе гласаме воздржано затоа што повторно не наидовме на добра волја од страна на Владата и на Министерството за здраство за одредени мерки, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, потребно е да се формира Државна комисија за заштита на населението која ќе може ефикасно да се справи со коронавирусот и која ќе брои 11 члена.

– По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови, имунолог еден член и специјалист интернист еден член. На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Тој исто така ја обвини владата дека со измените на Законот за заштита од заразни болести не предлага конкретни и ефикасни мерки за борба против ковид-19 пандемијата.

„Нема ниту една мерка за хроничните болни. Ниту една мерка за зајакнување на државните здравствени институти за тестирање на населението. Нема мерка за поддршка на медицинскиот персонал и ургентна дополнителна обука и едукација. Нема мерка за поевтино тестирање на пензионерите како поризична категорија. Нема мерка за широк опфат на тестирање на општините со поголем број на заразени“, напиша Милошоски на Фејсбук.

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да престане со деструктивната политика

Од владејачката СДСМ реагираа дека „деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ се закана за јавното здравје“ и повторно нагласија дека законските измени мора да се донесат.

– Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да го блокира носењето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, е уште една опструкција во низата откако е прогласена пандемија од ковид-19.

Ова несериозно однесување на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ е на штета на здравјето на граѓаните. Во време кога се соочуваме со нов бран на коронавирусот, кога и кај нас, во регионот и во европските земји се полнат болниците, кога бројот на заразени секојдневно расте, ВМРО-ДПМНЕ повторно, како и секогаш одмага и прави се` за да ги одолговлекува мерките важни за справување со пандемијата. Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно политички поени, со што директно се загрозува јавното здравје и Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, повторно докажуваат дека последно за што се грижат е здравјето на граѓаните – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Критика за однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати и министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, обидот на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести е смислен и тенденциозен обид за дневнополитички поени кој директно го загрозува здравјето на населението.

Тој е дециден дека барањето за формирање нова Комисија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја избира Собранието, е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано.

Новите анти-ковид мерки донесени на последната седница на Владата предвидуваат угостителските објекти да работат до 23 часот, државната администрација да го организира работењето од дома или во смени, а капацитетот на јавниот превоз да се ограничи за 50 отсто.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот