Законот за задолжително земјоделско осигурување доставен во Влада: Прво ќе има бесплатно осигурување, а потоа земјоделците мора да платат премија

Фото: zelenaberza.com.mk

Од 2024 година се планира примена на Законот за задолжително земјоделско осигурување. Но, во меѓувреме се очекува одобрување на проект за климатски промени со кој ќе им се овозможи на земјоделците бесплатно да се осигураат.

Законот за земјоделско осигурување е доставен во Владата, откако на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР беше поставен за широка дебата. Ова е многу важен закон, со оглед на сè поголемите климатски промени кои носат големи ризици во земјоделството. Затоа, и на терен, меѓу самите земјоделци, продолжуваат дебатите за законското решение.

Александар Мусалевски, раководител на Секторот за анализа на земјоделските политики во Министерството за земјоделство вели дека се очекува негова примена од 2024 година, а она што е особено интересен факт е дека првите две – три години, благодарение на европските проекти за справување со килматските промени, земјоделците ќе имаат бесплатно осигуривање. На овој проект наскоро треба да се стави потпис и да се обелоденат деталите.

– Очекуваме од Владата набргу да даде зелено светло за Законот, а потоа тој се упатува во собраниска процедура. Според планот, на почетокот од 2023 година треба да се формира посебно тело, ние го нарековме Осигурителен пул. Потоа, треба да се ангажираат луѓе, да се изготват тарифи – полиси за осигурување во земјоделието и да се направи соодветен ИТ систем. Значи, 2023 година ни е година на градење на системот, а веќе од 2024 година треба да почне да функционира задолжителното земјоделско осигурување. Тоа ќе биде врзано за субвенционирањето. Така, сите што ќе аплицираат за субвенции ќе мора да бидат и осигурени – вели во изјава за „Слободен печат“ Мусалевски.

Законот за задолжително земјоделско осигурување предвидува земјоделците задолжително да платаат најмалку 20 отсто од премијата за осигурување, а 20 проценти ќе им плати државата, додека за останатите 60 проценти останува волјата на земјоделците. Но, она што особено ќе биде важно е висината на премиите кои се очекува да бидат пониски од сегашните.

– Ќе се намалат значајно тарифите поради дисперзија на ризикот, затоа што тогаш нема да бидат осигурани само 2.800 земјоделци – вели Мусалевски.

Тој вели дека и проценителите на штети нема да бидат од осигурителните компании, како што е сега, туку тие ќе бидат под телотото Осигурителен пул и за тоа ќе имаат овластувања. Ова е важно, нагласува Мусалевски, поради објективноста на проценките на штетите.

– Важно е и што исплатата за настаната штета ќе биде извршена во текот на истата година кога е настаната штетата – потенцира Мусалевски.

Тој вели дека сме први во регионот кој градат ваков систем на сосигурување на земјоделството како одговор на нагласените климатски промени, но дека за него веќе размислуваат и други земји од нашето опкружување. Инаку, ваков систем веќе имаат воспоставено Турција, Швајцарија и Шпанија.

Мала искористеност на сегашната можност – субвенција од државата

За наредната година останува можноста што постои веќе цела деценија, а тоа е државно субвенционирање во висина од 60 проценти на полисите за осигурување во земјоделството.

– Оваа мерка долго постои, но не дава резултати. Годишно се осигураат од 2.500 до 3.000 земјоделци од вкупно 88.000 регистрирани земјоделци – вели Мусалевски.

Од друга страна, потсетува тој, државаат врши обесшететување во случај на непогода, така што дополнително се демотивираат земјоделците да се осигураат. Но, како што забележува, владината комисија за процена на штети, најчесто обесштетува само 10 отсто од настанатата штета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот