Заев не ги прифати оставките на Филипче и Хасани

Венко Филипче, Зоран Заев / Фото: Колаж, Слободен печат

Премиерот Зоран Заев попладнево соопшти дека не ги прифатил оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани, кои тие ги понудија по пожарот во тетовската ковид болница, во кој загинаа 14 луѓе.

„Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините за несреќата во тетовската модуларна болница. Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачење е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел. Врз основа на овие и претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста, нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Филипче и заменик министерот за здравство Хасани“, рече Заев.

Тој во неколку наврати претходно изјави дека ќе почека да заврши истрагата за да донесе одлука дали ќе ја прифати оставката на Филипче.

Ваквата одлука доаѓа откако Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека причината за пожарот бил спој во прегреан кабел од дефибрилатор.

Од ЈОРСМ истовремено посочија дека вештачењето утврдило и дека прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжените кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот