Заев го помина својот Рубикон!

Сашо Ордановски/ Фото: Архива на СП

По смената на несудениот пилот Стојко Пауновски од директорското место во Државниот пазарен инспекторат, Зоран Заев го премина својот политички Рубикон!

(Патем, кога сме кај тој анегдотален историски настан, се работи за едно плитко рекиче што ја означувала северната граница на тогашната Римска Империја, што Цезар во 49 година пред Христа лесно ја прегазил со својата 13-та легија, пркосејќи на наредбата од Римскиот Сенат со војска да не се појавува во Рим, по што, со помош на едно осредно граѓанско војниче, и официјално станува диктатор и зачетник на славната ера на долговековната Римска Империја…)

Заев, конечно, ја загуби својата политичка „невиност“ повеќе години негувана како благонаклона перцепција за него во добар дел од македонската јавност, па отсега натаму – а особено по партискиот конгрес на СДСМ закажан за две-три недели – ќе треба да се види во која насока ќе го развива своето владеење: дали како „камуфлиран диктатор“ жеден за апсолутна власт, како што, отприлика, го обвинуваат оние кои (ич) не го сакаат; или како демократски политичар кој е свесен дека времето на „другарче“ методологијата за владеење повеќе не е применлива за решавањето на проблемите во македонската стварност, но дека тоа не мора да значи елиминација на соработниците или функционерите кои со него не се согласуваат.

Се чини дека оваа „скршеница“ нема да може да се третира со обичен фластер. Тоа бил изборот пред кој биле исправени сите наши политичари кои влегле во „второто (и последно) полувреме“ од својата власт. Тоа е точката од која нема враќање: во ваква критична фаза, во принцип, првокласните лидери бираат првокласни соработници; второкласните лидери бираат третокласни соработници, по што деградацијата била само прашање на време, а не на насока на движење.

Во случајот на Заев, некои од околностите му одат од рака. На пример, тој нема никаква значајна лидерска конкуренција во опозицијата, составена од вревливи политичари кои повеќе инвестираат во сопствените политикантски хормони, одошто во квалитетни политички идеи. Во сопствената партија, пак, е неприкосновен на лидерското место, веројатно на начин на кој ниту еден претседател на СДСМ пред него (освен во еден релативно краток период на тогаш харизматичниот Бранко Црвенковски во деведесеттите) ја немал таа управувачка комоција. И во очите на странците – сè уште – тој е препознаен како македонски политичар кој е способен „да испорача“, што е ретка особина кај регионалните итромани.

Парадоксално, тоа се и најголемите отежителни околности за „Заевиот избор“ – моментот е драматичен, како оној на филмската Софија – бидејќи лидерскиот комодитет и чувството на немање конкуренција се, во принцип, лош амбиент за носење вистински одлуки. Во што спаѓа и односот кон странците.

Додуша, „против“ себе го има растечкото незадоволство кај најбитниот, независен дел од јавноста, кој се двоуми дали да почне силно да не го сака, или да продолжи да инвестира одредени надежи дека „не е сè загубено“ – размазена е таа јавност, „скопска“, секој во неа верува дека е подобар од Заев, дека се почесни, пообразовани, поспособни и, секако, попаметни од него. Имаат силно изразено чувство дека „заслужуваат“ подобар граѓански лидер и дека Заев ја истрошил „употребната вредност“ за рушењето на Груевски, па и од него, меѓу две зевања, им е доста. Раскокодакани се по фејсбук како петли на буниште (sic!), во натпревар за тоа кој ќе биде поголем циник и позлобен „мрчатор“ во оценката на сегашната македонска реалност.

Има во таа јавност и декадентна интелектуална леснотија на постоењето, но и супстанцијален критички пристап: на пример, се прашуваат, кои се луѓето во врвот на СДСМ, кој е нивниот интелектуален или професионален капацитет, дали и во сегашната партија на власт доаѓа времето на „дил-ориентирани“ кадри и тврди „лојалисти“ кон раководството на Заев?

Кога и колку ќе ја загуби поддршката од оваа јавност во Македонија, на Заев „деновите на власт“ му се изброени. Ова е изборна статистичка опсервација, не е политичка преференција, бидејќи во избалансирано партиски поделената македонска јавност, гласовите на неопределените го решаваат изборниот победник.

На Стојко Пауновски некако „му се падна“ да биде „тригерот“ за оваа жива дебата во јавноста. Тој не се предаде без борба: од неговата изјава за разделба – не од безобразното простување „затоа што не знаат што прават“, туку од наводот дека имал конфликт со шефот на кабинет на Артан Груби – не е јасно: Заев го менува Пауновски заради сопствена одлука – или заради притисоците од Артан Груби?!

Бидејќи, нема шанси што било добро да излезе од оваа епизода ако, не само катастрофата тоа да го прави Груби, туку шефот на неговиот кабинет (!) да ја има моќта да ги бира и менува кадрите на Заев… Тоа навистина би било „збогом памети“ за лидерот на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот