Заев бесен поради бегството на Мијалков: Или да се најде или оставки на сите одговорни

Зоран Заев / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево во 14 часот на прес конференција треба да објасни како екс директорот на УБК Сашо Мијалков им побегна на органите на прогонот.

Вчера премиерот Зоран Заев за бегството на Мијалков рече дека мора да има одговорност меѓу институциите и функционерите, а со остар тон утрово се обратил и пред дел од членовите на владата и директорите на неколку агенции задолжени за безбедноста во државата, како и раководни лица од обвинителството и судот.

Заев барал детални информации за тоа како Мијалков им се провлече на повеќето служби задолжени да го следат до изрекувањето на пресудата за случајот Таргет – Тврдина закажано за 26 февруари, во обид да дознае каде се пропустите и која агенција затаила во работата.

Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста, наведуваат од Владата.

Доколку органите и службите не го обезбедат Мијалков можно е да има и оставки во Владата и меѓу раководните лица на државните безбедносни служби, се заканил Заев, објави ТВ24 од свои извори.

Сашо Мијалков, кој беше првообвинет во случајот „Таргет-тврдина“ завчера избега, и од тогаш е недостапен за органите на прогонот. Во меѓувреме, по него е распишана и домашна и меѓународна потерница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот