ЗАБАВНА ЗОНА | Тасевски: Љубовта кон Формула 1 ме направи еден од 200-те најдобри возачи на картинг во светот
Дали сте зависни од адреналин? Или можеби сте љубител на брзо возење? Знаете ли дека во Скопје постои место каде се спојуваат адреналинот и брзото возење во една авантуристичка приказна? „Слободен печат“ во својата нова епизода од серијалот „Забавна зона“ ве носи токму таму – во „Скај Карт“, каде што брзината, рефлексите и искуството се најценети!
Препорачано
Возењето картинг е еден навистина тежок и интересен спорт кој за да се успее во него се потребни многу знаење, енергија и голема финансиска поддршка. Но, по што картингот всушност се разликува од другите спортови поврзани со автомобилите? Повеќе детали околу возењето картинг ни открива Никола Дамјановски кој работи како инструктор во „Скај Карт“.
– Пред сѐ , посетителите возат картинзи. За да почнат да возат прво мора да си направат свој профил во системот за да се забележи нивната брзина и потоа потпишуваат изјави. Во картингот од десната педала е гас, а левата педала е кочница. Исто така забрането е намерно удирање со картинзите со соиграчите, а во случај да се заглават на патеката, тука сме ние инструкторите да им помогнеме – вели Дамјановски.
„Скај Карт“ постои од 2019 година и е епицентарот на забавата за сите љубители на овој брз спорт. Тие располагаат со околу 60 картинзи од кој секој се разликува во однос на својата кубикажа.
-Картинзите се делат во три категории. Има картинзи од 200 кубика, 270 кубика и 390 кубика. За почетниците најчесто им препорачуваме да возат возило од 200 кубика за да можат да го исполнат условот за да земат возило од посилна категорија. А најискусните го возат картингот од 390 кубика – додаде инструкторот.

За своја безбедност овој спорт бара соодветна опрема. Како задолжителна опрема која е потребна за возењето картинг, се носи поткапа, која посетителите можат да ја купат во „Скај Карт“ или пак да си ја понесат со себе доколку имаат. Врз поткапата се става кацига и посетителите се подготвени да се впуштат во адреналинската трка.

Во ова интервју имавме чест да се запознаеме и со еден Македонец кој гордо ја носи титулата на шампион во картинг и тоа на три поднебја: Македонија, Србија и Грција. Станува збор за Масимо Тасевски кој веќе 13 години активно се занимава со овој спорт. Тој ни раскажа како својата пасија ја претворил во реалност.
-Имав голема љубов кон автомобилизмот и „Формула 1“, ми се створи пасија и почнав да се натпреварувам со картинг. Пред сѐ, да возам рекреативно, а потоа да почнам да се занимавам и професионално – вели Тасевски.
Тој ќе биде еден од 200-те најдобри возачи во светот кој ќе се натпреварува на големиот натпревар во картинг во Шпанија – „Пакетес Куп“ каде на светско ниво ќе си ги одмери силите со претставниците од другите држави.

Тасевски може да се пофали со своето својата колекција на медали од шампионати и богато искуство на натпреварите. Тој ни откри дека за да се одржи возачот во кондиција потребно е да има тренинг минимум еднаш во седмицата, а кога се подготвува за натпревар пожелно е натпреварувачот да вежба на самата патека каде ќе се одржува натпреварот.
– Кога се оди на натпревар во странство се посветува многу повеќе време на учење на самата патека. Одиме неколку дена порано, ја учиме таа патека заедно со сите нејзини предизвици и сите картинзи што се на располагање. За да се покажеме во најдобро светло, треба да ја знаеме тамошната патека и затоа е многу важно тренинзите да се одвиваат баш на таа патека – откри шампионот во картинг во Македонија.


