Цеце Георгиев, инструкторка во КК „Бравадос“ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

„ЗАБАВНА ЗОНА“ | Георгиев: Коњи може да јаваат сите од 7 до 77 години

Одат ли коњите во „пензија“? Експертите велат да, но многу помлади од луѓето. Токму таков коњ живее во коњичкиот клуб „Бравадос“ во близина на Скопје. Коњот има 27 години и во негова чест е и името на клубот.„ Слободен печат“ во третата епизода од „Забавна зона“ ве запознава со спорт од двајца играчи. Играчите во овој тим се еден јавач и еден коњ. Епицентарот на забавата овојпат се наоѓа во коњичкиот клуб „Бравадос“ во населбата Волково. Наша соговорничка во ова видеоинтервју беше Цеце Георгиев, која е искусна инструкторка по јавање коњи.

Георгиев со задоволство ни раскажа повеќе околу самиот спорт, негата на коњите, нивното секојдневние, подготвувањето за коњичките натпревари и првенства.

Цеце Георгиев, инструкторка во КК „Бравадос“ / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

КК „Бравадос“ е коњички клуб кој има свој терен каде што се одржуваат тренинзите и рекреативното јавање, има своја штала во која живеат коњите, покриена хала каде што можат да се одржуваат тренизни и во зимските и ладни или врнежливи периоди.

Покрај тоа, тие имаат и своја школа во која ги обучуваат оние кои се заинтересирани да се занимаваат со јавање коњи. Таму се изучуваат најразлични стилови на јавање, како англиско јавање, скокање пречки со коњи, спортско, рекреативно и дресурно јавање. Инструкторката ни откри кој стил на јавање е омилен помеѓу јавачите.

– Претежно, студентите, односно јавачите што почнале рекреативно, се пренасочиле кон скокањето, меѓутоа и во скокањето треба една јавачот и коњот да познаваат основна дресура, за да можат да постигнат некој успех и резултат. Но, спортското јавање, како што е прескокнување пречки, бара 5-6 пати тренинг во неделата, за разлика од рекреативното јавање кое може да се посетува 2-3 пати неделно – изјави таа.

Коњички клуб „Бравадос“ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Трудот на јавачите во школата за јавање доаѓа до израз на натпреварите. КК „Бравадос“ е технички организатор и учесник во разни натпревари и првенства во јавање коњи, во кои учествуваат јавачи и судии од Македонија и од целиот Балкан. Ја прашавме нашата соговорничка, на која возраст обично се „пензионира“ коњот од натпревари, на што таа одговори:

– Генерално, нема правила околу пензионирањето. Бравадос, нашиот пастув по кој и клубот го носи името, се пензионираше на 24-25 години. Во моментов има 27 години и ни е најстар коњ во шталата. Пензионирањето е индивидуално, сепак може да се случи некоја повреда, па потоа коњот да не може да скока пречки и да служи само за лесно јавање – додаде Георгиев.

Во однос на јавањето како спорт или рекреативно, сепак постои некоја одредена возрасна граница од која би можеле заинтересираните да почнат да јаваат. Како долна граница за да почне да се јава коњ е 7 години, со тоа што дечињата на таа возраст веќе разбираат што е лево и десно, што значи круг и промена, а горна граница нема – сè зависи од подготвеноста на јавачот. А за оние кои се на помала возраст, КК „Бравадос“ има и термини за рекреативно јавање кои траат околу 15 минути.

Коњички клуб „Бравадос“ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

КК „Бравадос“ покрај тоа што располага со огромен терен за јавање коњи, располага со штала со 16 коњи, од кои дел се во лична сопственост на клубот, други пак се во лична сопственост на јавачите. Исто така, оние кои поседуваат свој коњ, можат да си изнајмат место во шталата на месечно ниво каде што ќе го чуваат коњот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот