За увоз на струја потрошени над 3,3 милиони евра

Далновод / Фото: EPA

Неповолната хидролошка ситуација, привремено го запре домашното производство на струја, а за да се задоволат потребите, енергенсот се обезбедува од увоз. Од АД ЕЛЕМ за „Слободен печат“ информираа дека набавката на електрична енергија е реализирана во ноември, преку фирмата за трговија „ЕЛЕМ Трејд“.

Набавени се 62.450 мегават-часа, по просечна цена од 53.53 евра за мегават-час и во вкупна вредност од 3.343.025 евра. Досега се продадени вишоци на струја за над 6,2 милиони евра. Метеоролозите не најавуваат драстични промени на временската состојба, што значи дека сушата ќе трае најмалку до крајот на годинава, а тоа е јасен показател дека и следниот месец има увоз на струја.

Сите продажби на електрична енергија што АД ЕСМ ги има направено во текот на 2020 година се кон фирми трговци и снабдувачи регистрирани во земјава. Исто така и набавката преку „ЕЛЕМ Трејд“ е направена од фирми трговци и снабдувачи регистрирани во Р Северна Македонија. Напоменуваме дека целта на АД ЕСМ е во иднина, согласно со Законот за енергетика од 2018г и либерализирањето на пазарот за електрична енергија, преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд да го развива тргувањето, односно купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од цената на струјата на берзите – велат од АД ЕЛЕМ.

Во меѓувреме, хидролошката состојба не само кај природните езера и реки, туку и кај вештачките акумулации е сѐ поалармантна. Показателите и споредбените просеци за изминатите 15 години, покажуваат дека 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба. На нашето прашање на што се должат честите исклучувања на електромрежата во државата и дали се планирани рестрикции за да се штеди струја, од АД ЕВН ни одговорија дека „снабдувањето до крајните потрошувачи се одвива редовно и според правилата на пазарот на електрична енергија“.

-Исклучувања во дистрибутивната мрежа во најголем дел се случуваат најавено и планирано за да се извршат инвестициски зафати што ќе обезбедат навремено, континуирано и квалитетно снабдување со електрична енергија на сите корисници. Во моментов се вршат подготовки на дистрибутивната мрежа, поради зголемената потрошувачка во зимскиот период – рекоа од АД ЕВН за „Слободен печат“.

Дел од експертите се скептични дека цената на струјата нема да расте ако продолжиме да ја увезуваме. Тие потсетуваат дека и без увозот, сега плаќаме за 7 проценти, повисоки сметки за струја. Инаку, берзанските цени на струјата за првото тримесечје во 2021 година ќе бидат познати на 15 декември, а потоа и за вториот квартал. Тогаш ќе се прават и пресметките за цената која ЕСМ ќе ја даде на тендерот на Универзалниот снабдувач за испорака на струја за периодот од јануари до јуни идната година. Од Регулаторната комисија за енергетика се децидни дека нови поскапувања на струјата не се планирани за оваа година.

Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, во системот требаше да биде вклучен и РЕК Осломеј. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде што се обезбедува вода за разладната кула. Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите.

Хидроцентралите не се оштетени од земјотресите

Неодамнешните земјотреси во Мавровскиот регион не предизвикаа никакви оштетувања во системот на ХЕЦ Маврово, велат од АД ЕЛЕМ за „Слободен печат“.

– Во прегледите, покрај нашите инженери што се овластени за следење хидротехничките објекти, беа вклучени и професори и стручни лица од други соодветни институции. Електраните Врбен и Равен се во планиран застој заради зафати од 25 септември. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и насоките од Владата, производството на АД ЕСМ од хидроелектраните е запрено и се користат само за системски потреби, односно за балансирање на системот. Дел од електраните, како што е случајот и со Шпилје во ХЕЦ Црн Дрим, го користат овој период за изведување зафати за подобрување на нивната спремност и доверливост – велат од АД ЕЛЕМ.

Согласно плановите за производство, термоелектраните имаат реализација од 82,1 отсто, хидроелектраните 82,1 отсто и ветерниот парк 110 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот