Фото: Jaap Arriens / Zuma Press / Profimedia

„За ова нема објаснување“: Лековите за слабеење помагаат на срцето без оглед на губењето на килограми

Семаглутидите, сè се попопуларни лекови за дијабетес тип 2 кои ги користат за слабеење, можат да помогнат во спречување на срцеви удари и други сериозни срцеви проблеми без оглед на тоа колку килограми пациентите изгубиле додека користеле инјекции. Ова го покажало ново научно истражување, соопштено од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Истражувачите велат дека ова откритие сугерира дека лекот на повеќе начини користи на срцето, и дека неговиот заштитен ефект врз кардиоваскуларното здравје не е исклучиво резултат на губењето тежина.

Студијата, објавена во списанието „Ланцет“ и финансирана од компанијата „Novo Nordisk“, анализирала податоци од 17.604 лица над 45 години со прекумерна тежина и кардиоваскуларни болести, кои биле случајно распределени да примаат неделни инјекции семаглутид или плацебо.

Претходна анализа на овие податоци од истиот меѓународен тим покажала дека семаглутидот го намалил ризикот од срцеви удари, мозочни удари и други сериозни срцеви настани за 20% во оваа група.

Во новата студија, тимот открил дека намалувањето на големите несакани настани било слично без оглед на тежината на учесниците на почетокот на испитувањето. Тоа значи дека лицата кои биле само благо здебелени, со индекс на телесна маса (BMI) од 27 (што е просечен BMI за возрасни во Велика Британија), имале слични користи како и оние со највисок BMI.

Користите исто така биле главно независни од тоа колку луѓето изгубиле на тежина во првите четири и пол месеци од користење на лекот. Сепак, истражувачите пронашле поврзаност помеѓу намалувањето на обемот на струкот и придобивките за срцето, при што тоа сочинувало една третина од заштитниот ефект на лекот врз срцето по две години.

– Абдоминалната маснотија е опасна за нашето кардиоваскуларно здравје повеќе од вкупната тежина, па затоа не е изненадувачки да се види врска помеѓу намалувањето на обемот на струкот и кардиоваскуларните придобивки. Сепак, тоа сè уште опфаќ две третини од срцевите користи на семаглутидот необјаснети. Овие наоди ја менуваат нашата претстава за тоа што лекот навистина прави. Иако е означен како инјекција за слабеење, неговите придобивки за срцето не се директно поврзани со количината на изгубена тежина. Всушност, тоа е лек кој директно влијае на срцевите заболувања и други болести поврзани со стареењето – изјави Џон Динфилд, истражувач од Институтот за кардиоваскуларни науки на Универзитетскиот колеџ во Лондон, додавајќи:

– Овој труд има импликации врз тоа како семаглутидот се користи во клиничката пракса. Не е потребно да се изгубат многу килограми и не е потребно да имате висок BMI за да добиете кардиоваскуларна корист. Ако целта е да се намалат кардиоваскуларните болести, ограничувањето на употребата само за одредено време и за оние со највисок BMI нема смисла. Истовремено, користите треба да се мерат во однос на потенцијалните несакани ефекти. Истражувањето на несаканите ефекти станува особено важно со оглед на широкиот спектар луѓе на кои овој лек и други слични лекови можат да им помогнат.

Иако наодите се фокусираат на семаглутидот, веројатно важат и за други лекови за слабеење кои го таргетираат истиот хормон (глукагон-подобен пептид-1, или GLP-1). Механизмите со кои GLP-1 може да помогне на кардиоваскуларното здравје, велат истражувачите, вклучуваат поддршка на здравјето на ѕидовите на крвните садови, намалување на воспаление, подобрување на контрола на крвниот притисок и намалени нивоа на липиди (холестерол и други масти во крвотокот).

Студијата ги анализирала податоците од значајното испитување SELECT – најголемото и најдолгото клиничко испитување на ефектите на семаглутидот врз тежината кај над 17.000 возрасни лица кои немале дијабетес, но имале прекумерна тежина. Меѓународниот тим кој го води испитувањето вклучува професорот Динфилд.

Семаглутидот, агонист на GLP-1 рецепторот, симулира функции на природните инкретински хормони на телото, кои помагаат во намалување на нивото на шеќер во крвта по оброк. Првично бил препишан за возрасни со дијабетес тип 2. Семаглутидот е активен состав во лековите Wegovy и Ozempic.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот