За македонските терористи и други занимливости

Сашо Ордановски/ Фото: Архива на СП

Следејќи делчиња од вчерашната дебата во Македонското собрание посветена на пратенички прашања, налетав на одговорот на Оливер Спасовски за оперативна акција што ја водело МВР/УБК, во содејство со Јавното обвинителство, пред и во 2017 година, под некакво кодно име „Алка“. Целта била да се направи местенка – како МВР-дебаклот со режираниот трагичен конфликт во Куманово; како измислиците од оние прочуени „Жолти комбиња“; како фабрикуваните судски процеси против цела дузина луѓе кои уште не можат да се опорават (а и да ги рестартираат судењата) од долгите затворски казни што им ги досуди „Сваровски“ судството; итн. – за (според Спасовски) апсење на врвот на опозицијата (СДСМ) со наводен предтекст дека Заев, Спасовски и други лица подготвувале атентат врз Никола Груевски. Монструозно.

Во секоја нормална политичка средина, ваквите спектакуларни информации изречени од собраниска говорница на најодговорниот човек во МВР, би предизвикале лавина од реакции, новински извештаи, осврти, контрареакции, итни телевизиски дебати и слично, бидејќи се работи за валкана удбашка операција која по ефектите не би била помала од упадот во Собранието на 27 април, таа, 2017 година.

Всушност, некој таму веројатно проценил – од друштвово на овие кои, нали, не ги организирале и инспирирале „невините“ патриоти – дека е подобро да не губат време со апсења и судења на опозиционерите, туку веднаш да поминат на проектот за нивна ликвидација, со патемно демолирање на Македонското собрание токму на 27 април, таа, 2017 година.

Со веста за информациите од овој настап на Спасовски не се отворија ниту едни вести на телевизиите, ја немаше на ниту еден посериозен информативен портал, а јас да не ви ја соопштев, ни вие немаше да знаете за неа.

Замислете, во некој поинаков контекст, за ова вчера да информираше, на пример, Антонио Милошоски или Христијан Мицкоски! Веројатно ќе се бараше итно заседание на Советот за безбедност на ОН, со инсистирање во Македонија да се испратат „сини шлемови“ за спречување на владејачката диктатура. Среќа што ВМРО-ДПМНЕ деновиве е зафатена со организацијата на бојкотот на наставата на средношколците и основците, инаку не е исклучено и таква некаква перверзна претумбација на изјавата на Спасовски да направеа, со која ќе докажуваа дека навистина се подготвувал атентат врз Груевски, заради што и побегна за Будимпешта.

Сепак, грешката е до Оливер Спасовски. Додека соопштуваше нешто од деталите за овој до сега необјавен скандал, пропушти прилика да почне да се соблекува на говорницата во Собранието. Само така, да останеше по гаќи и маица, веста ќе имаше информативна вредност во коматозната состојба во која се наоѓа македонската јавност. Вака, вчера не успеа да се пробие ни во рубриките на црната хроника меѓу веста за гостиварецот кој се обидел да силува сосетка и некои што играле комар и ги прекршиле здравствените протоколи. Веста никому не му беше, што би се рекло, доволно „секси“.

Од друга страна, игнорирањето на уште еден скандал што произлегува од мрачните режимски командни визби на Груевски говори и за вратената самодоверба на македонската јавност, дека времињата на такви гнасни операции се зад нас. Тоа е голем комплимент и за самиот Спасовски кого јавноста можеби го перципира за крут и нехаризматичен, но никако и како некој што би подлегнал на поривот да ја употреби големата моќ на МВР за партиски местенки од најдолен вид. Тоа е една од суштинските разлики помеѓу оваа власт и организаторите и поддржувачите на протестите минатиот викенд. Скратено, таа разлика се нарекува: слобода.

Само, проблемот со состојбата на овдешната слободата е таков што јавноста ја доживува како струјата: сфаќа колку ѝ недостасува само кога ќе ја снема. А тогаш е, обично, предоцна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот