За кого е наменет „Нон пејперот“ на Франција!

Македонија и ЕУ/ Фото: Слободен печат/ Архива

Францускиот предлог за реформи во начинот на проширување на Унијата кон Западен Балкан го добија останатите земји членки на Унијата, но го добија и земјите кандидати.

Од Нашата Влада велат ќе го разгледаат предлогот. Но се очекува дека најверојатно ќе ги прифатат сите услови и промени кои се наведени во петте страници од т.н. „Нон пејпер“. Ова оттаму што највисоките државни претставници веќе се изјаснија дека друга опција немаме и дека и пет пати тие критериуми да се потешки, ние ќе ги прифатиме.

Во суштина овој документ и не нуди ништо ново до таа мерка што би не извадило од колосекот по кој сме тргнале и кој самите тие европјани многу поодамна ни го зацртаа.

Додуша засилен ќе биде мониторингот во имплементацијата на постигнатото, што пак гледано од аспект на граѓаните е бенефит повеќе. Имено и доесга властите во Македонија носеа европски закони, но делотворноста во пракса изостануваше.

Новините кои се однесуваат на реверзибилноста, строгоста и етапноста можат да го успорат процесот на доближување до полноправно членство, но само доколку актуелната власт која и да е во наредните десетина години не успее да ги совлада пречките поставени попат.
Оттаму звучи дури и фер понудата на Франција со овој документ, во смисла, колку сте подобри, побргу ќе се движите напред кон нас. За таа цел има и опција која значи економска зголемена помош, како поттик за властите од регионот кои ќе успеат навреме да се сообразат со новите методи на оценка од страна на ЕУ.
Она што останува нејасно барем за почеток е за кои земји ќе се однесува овој „Нон пејпер“?

Имено кога се носи нова методологија таа мора да има временски пресек. Србија и Црна Гора на пример веќе имаат датум за преговори и се во некаква фаза на преговори со Унијата.
Како новата методологија ќе се применува кон нив и кон кои поглавја? Дали реверзибилноста ќе ги врати назад на почеток. Може ли да се случи Македонија, Албанија на некој начин да ги стигнат доколку добијат датум за отпочнување на преговори и по новата методологија?

Кога сме веќе кај датумот, него го нема во „Нон пејперот“. Нам се чини во овој момент тој ни е многу важен. Затоа што барем од тој аспект би се скратил периодот на чекање, а со тоа би се постигнал некаков компромис со нашиот предлог зад кој застанаа и повеќето земји членки кои не подржаа на последниот Самит во Брисел, а тоа е тие два процеса да се движат паралелно.

И последно, но не помалку важно, барем кога се говори за динамиката на влегување во сила на овој француски предлог, е дали него ќе го прифатат останатите земји членки, кога тоа би го сториле, и на кој начин!
Засега Франција го нуди Јануари догодина. За нас можеби синтагмата „што побргу тоа подобро“ ни одговара, ако е врзана со добивање датум. Но ако целиот процес се отегне, без при тоа да има временска изгледност, само би се продолжила агонијата на неизвесност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот