За едно работно место има 12 невработени?!
И покрај постојаниот пад на бројката на невработени, таа е голема – во државава како активни баратели на работа се регистрирани дури 94.480 граѓани и уште 43.000 што се евидентираат како невработени. Работодавачите велат: Нема работници! Што се случува?
Во септември во листата на Агенцијата за вработување (АВР) имало вкупно 137.482 невработени, додека пред една година нивниот број бил 145.768 невработени. Овие бројки покажуваат дека за една година бројот на невработени се намалил за 8.286 невработени. Се намалил и бројот на оние што се изјасниле дека активно бараат работа, како и оние пасивни баратели што се регистрираат колку за социјални бенефиции. Во септември како граѓани што активно бараат работа се регистрирани 94.480 луѓе, додека ланскиот септември биле 99.938.
Препорачано
Во услови кога постојано стигнуваат апелите од работодавачите дека нема кого да вработат, не е ни чудо што се намалува невработеноста, но податоците покажуваат дека сè уште има многу невработени наспроти активните огласи за вработувања. Тој сооднос е 12 невработени наспроти еден оглас за вработување. АВР на дневна база ги регистрира огласите за вработување, а вчера беа околу 8.000.
Ангелов: Ние воопшто немаме преглед каде ни се луѓето!
Работодавачите велат дека вистинската бројка на невработени е далеку од тие што се регистрирани на листата на невработени, односно дека еден дел работи непријавено, а друг дел не е во земјава, а се води на список за да користи социјална помош.
– Многумина работат на црно. Списокот не е прочистен, ниту на оние што се пријавуваат во Агенцијата за вработување, ниту на оние што примаат социјална помош. Имаше и некоја кривична пријава за вработен во Агенцијата кој заверувал дека човекот е тука, а тој работи во странство. Веројатно има многу такви случаи за кои не се знае и тука највиновни се центрите за социјална работа што не излегуваат на терен и кои не проверуваат каде се корисниците на социјална помош: дали работат на црно, дали воопшти се во државава. Ние воопшто немаме преглед за тоа каде ни се луѓето! – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Тој посочува дека ова не е негов паушален заклучок, туку заклучок со факти.
– Кога Агенцијата за вработување бара луѓе за јавно корисни работи за проекти финансирани од Владата, или како што имаше и од Обединетите нации, нема доволно луѓе за да се пријават. Идејата е покрај социјална помош тие луѓе да земат дополнителни пари, но нема доволно луѓе на таквите огласи. Исто и кога се бараат луѓе за преквалификации, покрај работодавачи треба да се јават и невработени, но невработени не се јавуваат доволно. Значи тие работат некаде и немаат интерес за преквалификација, или се корисници на семејна социјална помош па плус работат на црно и не сакаат да ја загубат помошта – вели Димитров.
Дури 60 проценти од невработените се без образование или со основно
Самата структура на невработени покажува дека 60 проценти од тие што активно бараат работа (94.480 невработени) се без образование или со основно образование. Такви на списокот н Агенцијата за вработување има дури 55.984. Состојбата е уште подраматична ако се додадат невработените со недокомплетирано средно образование, а и такви има 7.337. Од друга страна, токму хигиеничари за кои не треба образованието се најбараното занимање. Се бараат вкупно 581 хигиеничар и тоа 447 за деловен и за станбен простор и 136 за во работно-производствен простор.
Но, во Агенцијата за вработување има и солидна база невработени со завршен факултет – ги има 5.598. Магистри има дури 579, а доктори на науки 24.
Ангел Димитров вели дека работодавачите имаат практика да бараат работници и директно во Агенцијата за вработување.
– Нашата компанија секогаш кога имаме потреба за нови работници, тоа го прави во соработка со Агенцијата. Гледаме какви невработени има, со какво образование, закажуваме состанок со луѓето и средбата ја одржуваме во Агенцијата. Покрај огласи за вработување во медиумите, вработувањето може да се направи и со оглас за вработување во Агенцијата, така е и Законот – појаснува Димитров, кој е и претседател на Одборот на директори на светиниколската „Мода“.
Државниот завод за статистика објави дека бројот на работниците во индустријата е намален за 2,8 проценти во септември 2025 во однос на септември 2024 година.


