Градежен работник на скеле / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

За две години двојно е зголемен бројот на работници загинати на работно место

Во текот на годината се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои дури 31 со смртен исход. Ова претставува речиси двојно зголемување на бројот на загинати во споредба со 2024 година, кога биле регистрирани 17 смртни случаи.

Триесет и еден изгубен човечки живот на работно место е билансот за 2025 година. На Светскиот ден за безбедност и здравје при работа 28 април, Македонско здружение за заштита при работа го објави Годишниот извештај за минатата година, кој покажува загрижувачка реалност. Во текот на годината се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои дури 31 со смртен исход. Ова претставува речиси двојно зголемување на бројот на загинати во споредба со 2024 година, кога биле регистрирани 17 смртни случаи.

Наместо напредок, Македонија се соочува со драматичен раст на смртните случаи и повредите на работните места, што го отвора прашањето: колку вреди безбедноста на работникот? Трендот на влошување не е нов, но станува сè поизразен. Во 2023 година биле регистрирани 108 несреќи при работа, а веќе во 2024 година бројката пораснала на 133. Истовремено, расте и бројот на тешки повреди, од 93 во 2023 на 116 во 2024 година. Овие бројки не се само статистика, туку сигнал дека ризикот на работните места системски се продлабочува. Најмногу несреќи во 2025 година се случиле во преработувачката индустрија- 33 случаи. Следуваат градежништвото со 15 несреќи, јавната управа и одбраната со 12, како и дејностите на домаќинствата со 11 случаи. Административните и помошните услужни дејности бележат 10 несреќи, додека транспортот и складирањето 9. Оваа распределба покажува дека ризикот не е ограничен само на традиционално опасните сектори, туку е присутен во речиси сите сфери на економијата.

Дополнителен аларм е растот на стапките. Стапката на смртност на 100.000 работници се зголемила од 2,16 во 2023 година на 2,45 во 2024 година, додека стапката на повреди пораснала од 13,42 на 16,76. Тоа значи дека не само што има повеќе несреќи, туку тие стануваат и посериозни. Во извештајот посебно место зазема трагичниот пожар во дискотеката Пулс, кој ја одбележа годината. Овој настан повторно ја отвори темата за непочитување на безбедносните прописи, слабата контрола и недоволниот инспекциски надзор. Според експертите, ваквите трагедии не се случајни, туку се резултат на системски пропусти.

Од Македонското здружение за заштита при работа потенцираат дека анализата на несреќите треба да служи како алатка за учење, а не само како повод за критика.

„Секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност“, велат од Здружението, додавајќи дека безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска. Од таму велат дека пораката е јасна, секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа.

Во обид да се одговори на овие предизвици, Меѓународна организација на трудот, со поддршка од Европска Унија, го спроведува проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“. Проектот има за цел да ги намали повредите и професионалните заболувања преку зајакнување на законската рамка, модернизација на трудовата инспекција и воспоставување национален информациски систем. Предвидено е да трае до октомври 2028 година. Подигнувањето на јавната свест останува еден од главните приоритети. Безбедните услови за работа не се само прашање на законска обврска, туку предуслов за достоинствен труд, повисока продуктивност и одржлив економски развој – велат експертите.

Работниците над 45 години се најчесто жртви на несреќи при работа

Анализите на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат дека најризична група се лицата на возраст од 45 до 60 години, додека веднаш зад нив се работниците од 35 до 44 години. Ова значи дека најпогодени не се младите и неискусните, туку токму оние кои со години го носат товарот на економијата. Причините за оваа состојба се повеќеслојни. Работниците во средна и повозрасна доба најчесто се вработени во сектори со зголемен ризик, како градежништвото, индустријата и транспортот. Дополнително, долгогодишната изложеност на физички напор и небезбедни услови ја зголемува веројатноста за несреќи, но и за потешки последици кога тие ќе се случат.

Особено загрижувачки е трендот кај смртните случаи. Податоците од претходните години укажуваат дека најголем број од загинатите работници се на возраст над 50 години. Експертите посочуваат дека кај оваа категорија ризикот е поголем не само поради природата на работата, туку и поради намалената физичка издржливост и присуството на хронични здравствени состојби, кои ја отежнуваат можноста за закрепнување. Од Македонското здружение за заштита при работа предупредуваат дека ваквиот тренд не смее да се игнорира. Иако младите работници почесто се повредуваат поради неискуство, кај повозрасните последиците се далеку посериозни и почесто завршуваат со фатален исход.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот