За Центарот за социјални работи „тајна“ е што работеле три години за ученикот со насилно поведение

Родителскиот совет од ОУ „Лазо Ангеловски“, едно од најголемите училишта во Скопје каде учат 1.500 деца, продолжува со бојкот и денеска. Учениците не се на настава поради тоа што со години институциите на системот не го решиле проблемот со ученик со насилно поведение. Во паралелката се отпишале повеќе ученици изминатите години, насилството било и вербално и физичко а на него биле изложени и учениците и вработените.

Центарот за социјални работи Скопје, на прашањето на „Слободен печат“ која е листата на активности што ги презеле изминатите години во врска со овој ученик, велат дека тоа е „тајна“ а за тоа што го презеле или не го презеле, одговараат пред раководното лице. Според наши информации, сите институции биле запознаени со случајот. 

Оваа „тајна“ веќе испразни две училишта и го скрати правото на ученикот да посетува училиште. Родителите отворено зборуваат дека насилството било вербално, физичко, насочено кон возрасни и деца, кршење на училишниот инвентар, во една ситуација имало и нож.

Службата која функционира како сервис на граѓаните за работните обврски преземени од страна на стручните лица одговараат директно пред раководното лице, а раководителот пред В.Д. директорот како надлежен орган на Институцијата. Сите преземени мерки и активности како податоци се тајна на Центарот, вели за „Слободен печат“ раководителката Бети Јошевска.

Минатата вечер советот на родители реши дека бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ продолжува и денеска.

Воедно испратено е барање до надлежните итно да се ангажираат државни механизми за утврдување на емотивно/психолошката состојбата во која се наоѓа ученикот. Дополнително преку претставниците на одделенијата викендов родителите на учениците во ОУ „Лазо Ангеловски“ ќе добијат известување за идните одлуки на советот.

Министерството за образование и наука вчера формираше интердисциплинарна комисија составена од претставници на Министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби. Такво нешто не било направено три години.

Родителите бараат надлежните институции да работат со детето, па откако ќе се добие документ дека неговото однесување се поправило и дека не е закана за соучениците и вработените, да се врати на настава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот