За 85 отсто од домаќинствата, сметките за струја ќе бидат повисоки до 70 денари
Домаќинства што трошат струја што влегува само во првиот блок има 517.400, оние што влегуваат и во втор блок се 169.600, со потрошувачка и во третиот блок се 14.000, а и во четвртиот се 4.400 домаќинства
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за новите цени за електрична енергија што ќе важат од 1 јануари. Податоците што ги презентираше Комисијата покажуваат дека 64 отсто од домаќинствата имаат потрошувачка само во првиот блок каде што цената се зголемува за 2,45 проценти. Оние што го пречекоруваат првиот, па влегуваат и во вториот блок, ги има 21 отсто, а цената на вториот блок се зголемува за 2,87 проценти. Евтината тарифа, пак, поскапува за 2,5 проценти.
Препорачано
– Најголем дел од потрошувачите влегуваат само во првиот блок. Тоа се 517.400 домаќинства. Ако земеме едно домаќинство со потрошувачка од 210 киловат-часови и во прв блок и 227 киловат-часови во евтина тарифа, во овој случај месечната сметка се зголемува за 57 денари, односно за 2,28 проценти. За домаќинства што имаат потрошувачка во блок 1 и во блок 2, односно во блок 1 трошат 210 киловат-часови, во втор блок 420 киловат-часови и евтина 682 киловат-часови, месечната сметка се зголемува за 70 денари, односно за 2,59 проценти. Такви домаќинства има 169.900. За домаќинства што имаат потрошувачка во прв, во втор и во трет блок, а такви се 1,73 проценти од потрошувачите, или 14.000 потрошувачи, месечната сметка ќе се зголеми за 2,79 проценти, или во денари тоа е некаде 370 денари. А на домаќинства што имаат потрошувачка и во четврти блок, а тоа се само 0,55 проценти од домаќинствата, или 4.400 домаќинства, сметката ќе се зголеми за 3,22 проценти, или за околу 900 денари – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Тој потенцираше дека фактот дека на 85 отсто од семејствата во просек сметките ќе им се зголемат од 57 до 70 денари, јасно ја покажува оправданоста на воведувањето на тарифите за да се дисциплинираат оние што трошеле расипнички.
Тој истакна и дека останува фиксниот износ за пристап кон мрежа од 200 денари, затоа што, во спротивно, би се зголемила повеќе цената на струјата. Притоа, процентуално, зголемувањето би било повисоко за оние во прв и втор блок, а помало за трети и четврти, а најголемо би било зголемувањето кај евтината тарифа.
Регулаторната комисија за енергетика пред три недели ја намали цената на мрежарината, што влијаеше врз крајните износи на цените во тарифникот што беа презентирани. Исто така, РКЕ по направените анализи не ја прифати предложената цена на „ЕВН хоум“ за зголемување од 7,66 проценти. Бислимоски вели дека новиот тарифник е доставен до „ЕВН хоум“, тие мора да го почитуваат од 1 јануари, но дека имаат право на жалба.
Бислимоски оцени дека со оглед на геополитичките случувања и состојбата на пазарот на електрична енергија, за домаќинствата за наредната година е обезбедена стабилна цена.
– ЕСМ обезбеди цена од 65 евра за мегават-час, која споредена со вчерашните берзански цени е за двапати поевтина – рече Бислимоски.
Тој посочи дека фјучерсите на пазарот на електрична енергија се стабилни и се движат од 120 до 150 евра за мегават-час и тие се поврзани со цената на природниот гас. Во моментов, цената на природниот гас на европските берзи е околу 27 и 28 евра за мегават-час, што е поволна цена ако земеме предвид дека сме имале цена и од 400 и од 500 евра за мегават-час – објасни Бислимоски.
Добро во било ЕСМ да купува струја од домашните фотоволтаични централи
Како експерт, вели Бислимоски, смета дека државната компанија ЕСМ за да ги намали своите трошоци, треба повеќе да се ориентира кон пазарот на големо и на мало.
– Во момент кога е поевтина струјата на пазарот на мало, многу е пологично да ја набавува отколку да ја произведува. ЕСМ користи нискокалоричен домашен јаглен, или го увезува, а користи и мазут што е сè потешко да се набави на пазарот во последните седум-осум години. Добро е да склучи договори со домашните фотоволтаични електрани, да им обезбеди фер цени и да купува од нив. Тие во пролет и во лето и во некои периоди на викенд имаат цени блиски до нула, па дури и негативни и се принудени на исклучување. Зошто, кога таа струја може да се продава во ЕСМ? – прашува Бислимоски.
Струјата поскапува од 1 јануари – еве колкави ќе бидат тарифите за домаќинствата


