За 10 години во Македонија се самоубиле речиси 1.500 лица

Самоубиствата најчесто се вршат во периодот од 7 до 14 часот, при што утринските часови од 7 до 10 часот се најкарактеристични и  најчесто се вршат во недела и во понеделник.

За десет години безмалку илјада и петстотини граѓани на Македонија се самоубиле. Според податоците на Светската здравствена организација Македонија е на 65 место на земји според бројот на извршени самоубиства по стапка на жител. Најголем број од жртвите се мажи, а помал број се жени.

Државниот завод за статистика на Македонија бележи дека во вкупниот број на случаи на насилна смрт, самоубиствата бележат процент од 23,3 отсто од вкупниот број на починати. Во категоријата самоубиства, на прво место се случаите кај кои смртта настапила со бесење, странгулација и софокација.

Истражителите велат дека мотивите и причините се разни. Од нервни растројства, чиј број е најголем, до болест, семејни расправии и прекинати љубовни врски. Според начинот на извршување на самоубиството, на второ место се случаите каде лицата си го одземале животот со употреба на огнено оружје, потоа со труење, давење и скокање од височина, како и со фрлање под воз.

Најчести причини, односно мотиви за посегнување по сопствениот живот се: душевните трауми и растројства од различни видови, семејните недоразбирања и караници во домовите поради беспарица и невработеност на родителите, потоа поради младешки и тинејџерски побуди – невозвратена љубов или болест.

Од МВР велат дека во периодот од 2010 година до јуни 2020 година на територијата на цела држава биле извршени вкупно 1.418 самоубиства. Од нив во 2010 – 150, во 2011 -140, во 2012 -174, во 2013 – 154, во 2014 – 150, во 2015 – 116, во 2016 – 136, во 2017 – 103, во 2018 – 121, во 2019 – 99 и во периодот јануари – јуни 2020 дури 75 самоубиства.

Во просек, во анализираниот период, 2010-2019 година, најголем број самоубиства се случиле на подрачјето на Скопје и Штип, по што следуваат Битола, Куманово, Струмица, Тетово, Велес и Охрид. Возраста е значајна за самиот чин на самоубиство. Самоубиствата се карактеристика за лицата над 65-годишна возраст.

Следна возрасна група кога најчесто се јавуваат самоубиствата се лицата на возраст од 45 до 54 години и од 55 до 64 години. Следува возрасната група 35-44 години, а веднаш потоа 25-34 години. Во последните години се забележува зголемување на стапките на самоубиства кај адолесцентите и младите лица во возрасната група 15-24 години. Загрижува фактот што самоубиствата се јавуваат и во возрасната група 5-14 години. 

Самоубиството е една од водечките причини за смрт низ целиот свет и е важен проблем на јавното здравство. Меѓу лицата на возраст од 15 до 44 години, самопредизвиканите повреди се четврта водечка причина за смрт и шеста водечка причина за лошо здравје и инвалидност. Стапките на самоубиство значително се разликуваат меѓу земјите и со текот на времето.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот