„Wish you weren’t here“: Членовите на Пинк Флојд со различни ставови за војната во Украина

Дејвид Гилмур и Роџер Вотерс / Фото: epa-efe

Членовите на Пинк Флојд, Дејвид Гилмур и Роџер Вотерс не се во добри односи веќе четири децении, многу подолго отколку што поминаа во истиот бенд, а очигледно работите не се подобруваат.

Претходно овој месец, Вотерс даде експлозивно интервју за „Си-Ен-Ен“ во кое го опиша претседателот на САД Џо Бајден како „воен злосторник“ кој „го разгорува огнот во Украина“ и го критикуваше НАТО за „туркање до руската граница“. Тој исто така рече дека „Тајван е дел од Кина“.

Држејќи се со Русија за момент, Вотерс беше неконзистентен на оваа тема последните неколку месеци. Една недела пред Русија да ја нападне Украина во февруари, тој во интервју за руската „RT“ рече дека да се зборува за инвазија е „срање… секој со коефициент на интелигенција над собна температура знае дека
инвазијата е глупост“.

роџер вотерс
Роџер Вотерс / Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

До почетокот на март тој на својот фејсбук-профил пишуваше дека е „згрозен“ од инвазијата на Владимир Путин, која ја нарече „криминална грешка“ и „гангстерски чин“. Во истата објава на социјалните мрежи, тој рече дека западните влади „го подгреваат огнот… со тоа што фрлаат оружје во Украина“. Неколку недели подоцна, Вотерс во подкаст – во кој беа и музичарот Брајан Ино и поранешниот грчки министер Јанис Варуфакис ја осуди „пропагандата за демонизирање на Русија“.

78-годишниот Вотерс, основач на Пинк Флојд, но кој го напушти бендот во 1985 година, сè уште не сретнал политичко прашање за кое нема мислење. Тој го означи Израел како „држава на апартхејдот, удри по гласачите за Брегзит, беше разочаран од Доналд Трамп и ја удри „владејачката класа“ поради затворањето на основачот на „WikiLeaks“, Џулијан Асанж.

Поранешниот колега од бендот на Вотерс, Гилмур – кој им се придружи на Пинк Флојд во 1967 година, непосредно пред заминувањето на Сид Барет – има многу поинаков став за руската инвазија, а во април го објави синглот „Hey Hey, Rise Up!“ како дело на Пинк Флојд во соработка со Андриј Хливнјук, фронтмен на украинската рок група БумБокс, а како што истакнаа приходите се наменети за хуманитарна помош.

Гилмур за „Гардијан“ изјави дека „практичноста да се има проширено украинско семејство е дел од ова. Моите внуци се полу-Украинци, мојата снаа Јанина е Украинка – нејзината баба беше во Харков до пред три недели. Таа е многу стара, инвалид, во инвалидска количка и има старател, а Јанина и нејзиното семејство успеаја да ја однесат низ Украина до полската граница и сега успеаја да ја однесат во Шведска“.

Песната беше голема работа за фановите на бендот бидејќи поминаа 28 години од последниот нов материјал на Пинк Флојд, „The Division Bell“ од 1994 година (албумот „The Endless River“ од 2014 година беше главно инструментална афера создадена од изданијата на „The Division Bell“) и дојде откако Гилмур вети дека „ова е крајот“ за бендот кој има продадено околу 250 милиони албуми.

Ставот на Гилмур за Вотерс (во интервјуто за Гардијан, по коментарите на неговиот поранешен колега од бендот во февруари/март) беше едноставно: „Да кажеме само дека бев разочаран и да продолжиме понатаму“.

Дејвид Гилмур
Дејвид Гилмур /Фото: EPA/Maciej Kulczynski

Темната страна на бендот

Тензиите во Пинк Флојд не се ништо ново. Откако сè понепредвидливиот и зависен од дрога Барет – главен текстописец и фронтмен во раните години – го напушти Пинк Флојд, Вотерс почна да ја обликува креативната визија на бендот достигнувајќи го својот комерцијален зенит на албуми како „The Dark Side Of The Moon“ од 1973 година и „The Wall“ од 1979 година.

По „The Final Cut“ од 1983 година, Вотерс откри дека работната средина во тоа време била „токсична“ – и веруваше дека без него, Пинк Флојд повеќе нема да постои. Но, другите сакаа да продолжат, што доведе Вотерс да ги тужи Гилмур и тапанарот Ник Мејсон во обид да ги спречи да го користат името Пинк Флојд, тврдејќи дека групата е „креативно потрошена сила“. Две години подоцна, тие навидум ги решија работите надвор од судот, а Пинк Флојд продолжи да постои.

Непријателството меѓу Гилмур и Вотерс се смири доволно за еднократно повторно обединување за добротворниот настан „Live 8“ во 2005 година, иако сè уште имаше судири, при што Гилмур одби да ја свири „Another Brick In The Wall“ на Вотерс, велејќи дека нејзината порака против образованието е несоодветна на свирка со која се подига свеста за сиромаштијата во Африка. По овој настан, веројатно никогаш повеќе нема да бидат видени заедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот