Врз младите се руши светот
Уривањето на настрешницата и пожарот во куќата претворена во ноќен клуб се последиците од непринципиелната политика на ЕУ, која од Западен Балкан бараше реформи и откажувања, за на крајот да ги разочара со образложението дека „ЕУ е уморна од проширувањето“
Балканот минатиот викенд го потресоа два настана во кои главни протагонисти беа младите и студентите, а едниот од нив, за жал, беше трагичен. Во протестите во Белград, студентите беа иницијатори на настанот, а во пожарот во ноќниот клуб во Северна Македонија, во кој загинаа 59 лица, жртви беа млади луѓе. И оние што протестираа и оние што загинаа, беа жртви на корумпирана држава, бидејќи студентите во Србија беа инспирирани на протестни маршеви поради уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која се случи поради наместени и сомнителни јавни тендери. Одговорниот за пожарот во ноќниот клуб во Кочани, пак, ќе го утврдува истрагата што треба да даде одговор и на прашањето кој или која надлежна институција дозволила дискотеката да работи во куќа со решетки на прозорците.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Властите веднаш го уапсија сопственикот на дискотеката и уште три лица поврзани со инцидентот, а највисоките владини претставници веќе изјавија дека чувствуваат „морална одговорност“, но, како и во случајот со настрешницата, не им паѓа на памет да поднесат оставка. Како и оние политичари против кои студентите протестираат со месеци затоа што не сакаат длабоко корумпирана, туку поправедна Србија, во која нема да се местат тендери и во која нема да бидат фаворизирани одбраните и тие што се добри со властите, во која одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Лошо изградената настрешница на железничка станица и куќата со решетки на прозорците која служеше како дискотека, истовремено стануваат симболи на корупцијата, трагедијата, но и на пркосот на младоста. Затоа што, ако тоа не го направи опозицијата, тогаш некој друг мора да го сврти вниманието на јавноста на фактот дека земјата не изгледа онака како што им ја прикажува претседателот Вучиќ со неуморните гостувања по телевизиите, а на истата јавност да ѝ покаже дека опозицијата во нивната земја не функционира, додека нивното граѓанско општество се потиснува.
И во Северна Македонија мораше да се случи најлошото за да се поведе истрага. Која нема да утврди ништо, па единствено што ѝ останува на младината таму, ќе биде протестот. Што, исто така, нема да реши ништо затоа што, иако Балканот има долга традиција на протести, од антибирократската револуција и „случувањето народ“ од крајот на 80-тите, преку антивоените и протестите против Милошевиќ на српската опозиција во 90-тите, факт е дека овие протести не решија ништо, а не да доведат до оставки во политичкиот врв. Исклучок се протестите од 5 октомври 2000 година, кои го принудија Милошевиќ да го признае изборниот пораз, и оние од 27 март 1941 година, кои го натераа Хитлер да го нападне Кралството Југославија.
Европската Унија како да заборави на преостанатите земји од Западен Балкан, кои сè уште не се интегрирани и покрај демократските чекори што некои од нив успеаја да ги направат во последниве години, како што е Црна Гора, а особено Северна Македонија, која со години чека да влезе во ЕУ.
Демократските сили на Западен Балкан претрпеа удар кога Франција, во име на Европската Унија, им понуди некаков посебен договор со ЕУ, наместо конкретно членство, што им даде ветер во грб на националистичките политики, иако хрватското претседателство со Унијата успеа да организира видеосамит на шефови на држави (поради ковид-пандемијата), што донекаде ја отвори европската перспектива на Западниот Балкан, но без конкретни ветувања и датуми за балканската перспектива.
Во такво евроатлантско лимбо, земјите од Западен Балкан живеат откако е анектиран Крим, а фокусот на Западот се префрли на Русија и Украина. Како резултат на тоа, некои од стегите што го отворија патот на Западен Балкан кон европската интеграција се олабавени, се намалија и очекувањата на локалните општества за подобро утре, корупцијата слабо се контролира, а проевропските сили имаат сè помалку и помалку аргументи со кои можат да ги убедат гласачите во исправноста на европскиот пат.
Од друга страна, на истата таа ЕУ не ѝ пречи демократскиот дефицит на Вучиќевото владеење, кога станува збор за ископ на литиум, на пример. Уривањето на настрешницата и пожарот во куќата претворена во ноќен клуб се последиците од непринципиелната политика на ЕУ, која од Западен Балкан бараше реформи и откажувања, за на крајот да ги разочара со образложението дека „ЕУ е уморна од проширувањето“. Со тоа ЕУ ги урна веќе изградените стандарди и целиот процес на евроинтеграција на Западниот Балкан го врати на почеток, заедно со вкоренетата корупција.
Вијести
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


