Врвни професионалци во музичката индустрија дебатираа на ПИН конференцијата на „Таксират фестивал“ во Скопје

Тридневната музичка ПИН конференција, што од 25 до 27 ноември се одржа во МКЦ, значеше отворање на програмата на „Таксират фестивал“, чија финална вечер ќе се одржи на 7 декември во две сали во СЦ „Борис Трајковски“.

Музичката ПИН конференција на „Таксират фестивал“ веќе осма година го претвора Скопје во европски центар на врвните професионалци во музичката индустрија. Со повеќе од 200 делегати и говорници и над 100 музички уметници, кои од 25 до 27 ноември во МКЦ – Скопје пристигнаа од повеќе од 40 различни земји од светот, оваа единствена ваква манифестација кај нас уште еднаш го потврди својот статус како една од најголемите и најзначајни музички конференции во регионов, која е од исклучително значење за промоција и вмрежување на регионалната и западноевропската сцена.

Како своевиден фестивал во фестивал, „Таксират“ на ПИН претстави импозантна тридневна програма со стотици славни имиња од музичкиот бизнис, меѓу кои беа и британскиот букинг-агент Мартин Елборн, кој од 1983 година е дел од организацијата на големиот фестивал „Гластонбери“, а воедно и коосновач на фестивалите „Вомад“ и „Д Грејт Ескејп“, како и Карл А. Х. Мартин – архитектот познат по својот ангажман во дизајнирање, изградба и активно раководење на дел од најголемите концертни сали и стадиони низ светот, воедно редовен координатор на локација на стадионските концерти на Мадона, Пол Макартни, Роџер Вотерс и многу други. Меѓу британските гости на ПИН во Скопје беше и легендарното име во музичкиот бизнис Стефен Бад, директор на проектот на Дејмон Албарн „Африка експрес“, а меѓу другото и извршен копродуцент во „Амнести Интернешнал“, за чија музичка кариера е снимен и краток документарен филм.

ПИН конференцијата беше домаќин на претставници од речиси сите водечки европски музички фестивали, како унгарскиот „Сигет“, српскиот „Егзит“, швајцарскиот „Монтрео џез“, словачкиот „Похода“, велшкиот „Фокус Велс“, чешкиот „Колор митинг“, но и руските „Волга фест“ и „Вајлд минт“, и уште многу други. Особено бројна делегација сочинуваа претставниците од најзначајните регионални музички „стејкхолдери“, па тука беа словенечките „Друга годба“ и „Џез фестивал Љубљана“, фестивалот „Индиго“ од Србија, но и претставниците на клуб „Мочвара“ од Загреб, хрватските „РТЛ“, „Порин“ и „Далас рекордс“; од Србија „Глич рекордс“,„Лампшејд медиа“, „Поп депрешн“, „Белград бир фест“, но и фотографската легенда со српско потекло, а кој живее и работи во Велика Британија, славниот Брајан Рашиќ, кој како фотограф има соработувано со најголемите музички ѕвезди во светот, од Мади Вотерс до Роби Вилијамс, од Синатра до Пол Макартни и од Чак Бери до „Колдплеј“.

Фотографската легенда со српско потекло, Брајан Рашиќ, беше меѓу учесниците на ПИН конференција

Од македонската музичка индустрија како говорници на конференциските панели на ПИН учествуваа Оливер Белопета (Скопје џез фестивал, Оф-фест), Владица Младеновски – Грга (МКЦ – Скопје), Дарко Андонов (Trap Da Fuck Up), Васко Атанасоски (Бернис Пропаганда, Пасворд Продакшн).

„Таксират“ на ПИН претстави импозантна тридневна програма со стотици славни имиња од музичкиот бизнис

Програмата на ПИН продолжува да ги става во фокусот најактуелните теми поврзани со музиката, ивент-индустријата, музичката продукција, културните правци, алтернативната култура, музичкиот менаџмент и промоција, медиумите, дигитализацијата. Главната цел на конференцијата е да ги внесе најдобрите светски искуства во македонската музичка и креативна индустрија, преку што го поврзува целиот регион со европската сцена, стимулирајќи ја размената на идеи и искуства, како и соработката на луѓето кои творат во полето на музичката уметност.

ПИН подразбира и шоукејс програма т.е. концертна програма со целосен фокус на промоција на музичките уметници

Покрај конференцискиот дел, ПИН подразбира и шоукејс програма, т.е. концертна програма со целосен фокус на промоција на музичките уметници, а во чии рамки пред делегатите на конференцијата и пред македонската публика настапија десетици музички ѕвезди во подем, најактуелни имиња од новата музичка сцена ширум Европа и подалеку. Концертите на ПИН се одржуваа на повеќе сцени паралелно, со повеќе од 30 настапи во две вечери и со бесплатен влез за сите посетители.

ПИН музичката конференција е организирана со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Главната вечер на „Таксират #23“ ќе се одржи на 7 декември во две сали во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Своите настапи за финалето на главната бина веќе ги потврдија Борис Брејча, „Партибрејкерс“, „Мизар“, Ан Клу и „Санаториум“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот