Вредноста на македонското членство и глас во НАТО

Зоран Бојаровски

Каде беше Северна Македонија додека на Самитот на НАТО во Вилнус се исцртуваше новата геостратегија во Европа и кога се правеа плановите за репозиционирање на Алијансата во однос на глобалните безбедносни прашања? На масата на стратезите на НАТО и на масата на политичките лидери на која што дебатираше и го даде својот глас еднакво важен како и гласот на останатите 31 земја членка.

Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, е историски, но не само поради согласноста на Турција да не биде повеќе пречка за членството на Шведска во Северноатлантската алијанса, поради што како таков го оцени генсекот Јенс Столтенберг.

Историски е и поради неколку дополнителни причини. Прво поради новата одбранбена стратегија и планови кои се многу тесно врзани за источните граници на НАТО, откако агресорската војна на Русија во Украина повторно ги постави овие гранични линии на Алијансата на врвот на приоритетите.

Со бесмислената војна во Украина, Русија самата предизвика НАТО да дојде на 400 километри до Москва и сега со границата од север (Финска) преку Украина и Молдавија како први наредни на листата, па се до Турција, а богами и Грузија која, каде и да е, ќе дојде на ред, се создаде одбранбен прстен кој благодарение на единството и на солидарноста, ја креираше новата одбранбена стратегија. Стратегија што го репозиционира на НАТО како одбранбен сојуз со планови „за одбрана од заканите кон нашата територија“, како што изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на самитот на НАТО во Вилнус.

И, каде беше Северна Македонија кога се исцртуваше оваа нова геостратегија во Европа и кога се правеа плановите за репозиционирање на Алијансата? На масата на стратезите на НАТО и на масата на политичките лидери на која што дебатираше и го даде својот глас еднакво важен како и гласот на останатите 31 една земја членка.

Самитот на НАТО во Вилнус е историски и по одлуката да се отвори Канцеларија за врски на НАТО во Јапонија. За оваа цел во Вилнус дојдоа премиерите и претседателите на Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Тоа се партнерите на НАТО во Индопацифичкиот регион со коишто се договараат најважните аспекти на заедничкото делување во однос на обезбедувањето на мирот во светот во овој геополитички критичен регион заради сѐ видливата намера на НР Кина да се наметне како доминантен играч.

И, каде беше Северна Македонија додека се договараше новата стратегија за влијание и за место на НАТО во Индопацифичкиот регион? На масите каде што се договараа и се исцртуваа контурите на овие геополитички поместувања, со свој глас и со свое учество.

Ако некој се сомнева во овие оценки или смета дека се претерани, да потсетиме на интервјуто на амбасадорот на Јапонија за МИА, Казуја Оцука.

– Сметаме дека отворањето на ваква канцеларија ќе биде од корист не само за регионот на Индопацификот, вклучително со Јапонија, туку и за НАТО. Со цел да се реализира ова прашање, би сакале да продолжиме со тесната соработка со Северна Македонија и други земји членки на НАТО, нагласи Оцука и потсети дека новиот „стратешки концепт“ на НАТО усвоен во јуни минатата година, првпат ја позиционирал Кина како „системски предизвик“ и јасно ја претставил заканата од кинеско-руската соработка.

Ете зошто Јапонија смета дека „тесната соработка со Северна Македонија“ е еднакво важна како и соработката со „други земји членки на НАТО“ затоа што индопацификот може директно да влијае врз безбедноста на евроатлантската област.

Соработката на НАТО со земјите од индопацификот е новата историска димензија на Самитот во Вилнус. Јапонија нема да стане земја членка на НАТО, но историски е моментот што земјите кои некогаш беа на спротивните страни на фронтот во Втората светска војна сега се партнери, а НАТО се приспособува на новото позиционирање на светот и Северниот Атлантик веќе не е единствената сфера на безбедносниот интерес.

И, каде беше Северна Македонија во ова ново позиционирање на светските коалиции што ги диктираат глобалните безбедносни прашања? Беше и е заедно со своите партнери и пријатели во најмоќната безбедносна политичка и воена алијанса.

И на крајот, некои политички центри во земјата повторно го отворија прашањето колку ќе ја чини Северна Македонија нејзината безбедност како членка на НАТО, откако земјите членки во Вилнус се договорија дека секоја од нив без одлагање треба да ја постигне целта да одвојува 2% од ГДП-то на земјата за своите армии од кои еден дел треба да оди за модернизација согласно стандардите на НАТО?

Одговорот е: Нешто повеќе од три милијарди евра, а тоа е приблиужно вкупниот годишен буџет на НАТО во кој се вклучени воениот, цивилниот и инвестицискиот дел, во кој Северна Македонија учествува со процент соодветен на националното буџетско финансирање на Министерството за одбрана и на Армијата.

Ете толку вреди безбедноста на Северна Македонија бидејќи таа безбедност е колективна, еднакво вредна како и за секоја земја членка на НАТО. Ете зошто има „резон“ делот од изјавата на нашиот владин врв во Вилнус дека НАТО и ЕУ споделуваат исти вредности и дека евроинтеграцијата на Северна Македонија има клучно значење за стабилен и просперитетен регион.

Затоа колку побргу Северна Македонија седне на масите на ЕУ каде што се носат големите одлуки од важност за иднината на државата и за граѓаните, толку побргу ќе ги почувствуваме придобивките од членството. Искуството од учеството во донесувањето на одлуките во НАТО доволно силно и јасно говори за тоа.

(Авторот е новинар и уредник)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Преземно од Рацин.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот