Вреди лидери Фото: Фејсбук Ибрахими

Вреди брои ситно до партија, во мај основачко собрание

Трансформацијата во партија ќе предизвика и смена на министри од Вреди при реконструкцијата на Владата. Мицкоски ќе му се заблагодари на Фатмир Лимани, додека позицијата на вицепремиерот Арбен Фетаи засега не е загрозена.

Основачкото собрание на новата партијата Вреди ќе се одржи во мај, потврди за „Слободен печат“ висок функционер од коалицијата Вреди. На состанокот на лидерите на коалицијата – Изет Меџити, Билал Касами, Беким Сали и Азир Алиу – прексиноќа и дефинитивно е договорено новата партија да има по двајца претседатели и потпретседатели како и генерален секретар.
Договор меѓу раководителите сè уште нема за процентуалната застапеност на партиите што ја сочинуваат Вреди – Демократско движење, Беса, Алтернатива и фракцијата на Алијанса за Албанците (АА) во идните партиските тела.

Трансформацијата на Вреди во партија речиси е извесно дека ќе предизвика и смена на министри од Вреди при реконструкцијата на Владата која премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се случи во мај или во јуни.

На состанокот се разговарало за следните организациски чекори и подготовките за основачкото собрание кое се очекува да биде важен момент за структурирањето и политичката насока на Вреди. Според информациите, на основачкото собрание ќе треба да се дефинира внатрешната организација, политичката платформа и приоритетите на новиот политички субјект.
Се потврди и информацијата на „Слободен печат“ дека Вреди ќе функционира по принципот на копретседателство, односно дека лидери на партијата ќе бидат Меџити од Демократско движење и Касами од Беса. Сали од Алтернатива ќе биде генерален секретар, додека за потпретседатели се споменуваат пратеничката од фракцијата на АА, Мимоза Муса, и независниот пратеник од Самоопределување Беким Ќоку.

 

„Слободен печат“ дознава: Партијата Вреди ќе има двајца претседатели – Касами и Меџити

Засега нема договор за поделбата на процентуалното учество на секоја од партиите во највисоките партиски тела. Меџити и Касами остануваат на првичниот предлог ДД и Беса да добијат по 35 отсто од власта во новата партија, додека со по 20 отсто учество во партиските органи треба да партиципираат Алтернатива, фракцијата на АА и Ќоку.
Процентната поделба од по 35 отсто за Касами и Меџити, како и вкупно 30 отсто за сите други политички субјекти во Вреди ќе важи и при реконструкцијата на оваа Влада или при евентуално учество на партијата Вреди во некоја идна влада. Со ова не се согласува Алтернатива и АА кои, пак, бараат еднакво учество во партиските структури, односно сите да партиципираат подеднакво со по 20 проценти.
Во одбрана на еднаквата застапеност во новата партија аргументите на Алтернатива се дека тие веќе направиле отстапка со тоа што се согласиле Вреди да функционира со двајца претседатели. Алтернатива, фракцијата на Алијансата и Ќоку, се залага за ротирачко претседателствување со партијата.
По основачкото собрание на партијата ќе се одржи и првиот конгрес на Вреди, за кој уште не е прецизиран тајмингот.

Како што веќе објавивме, трансформацијата веќе предизвика потреси и меѓу партиите и во самите партии што се дел од коалицијата Вреди, односно фракцијата на АА која остана во Владата се подели на два дела. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи од АА одржа основачко собрание на „Нова алијанса“ и остана на позицијата за ротирачко претседателство, додека министерот за здравство Азир Алиу не се согласи со потегот на Фетаи и, заедно со пратеничката Мимоза Муса и со поранешниот министер за здравство Илир Демири го туркаат концептот на трансформација на Вреди во партија.

Потреси ѝ се случија и на Беса каде што се разидоа лидерот Касами со министерот за социјална политика Фатмир Лимани. Касами веќе јавно побара премиерот при реконструкцијата на Владата да не смета повеќе на Лимани, особено откако тој на ифтарот (вечерен оброк со кој муслиманите го прекинуваат дневниот пост за време на светиот месец Рамазан) во организација на албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, на иста маса седел со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Очекувањата се дека турбуленциите во Вреди ќе влијаат и на калкулациите на Мицкоски при реконструкцијата на Владата. Неофицијално Мицкоски најверојатно ќе му се заблагодари на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани за досегашното учество во Владата.
Според наши информации, премиерот нема да го смени вицепремиерот Арбен Фетаи, и покрај неговите несогласувања со колегите од Вреди.

 

Фатмир Лимани одговори на прашањето од Вреди – што барал на маса со Али Ахмети на ифтар?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот