Возот бил нов, а пругата обновена – истрага за „чудната“ железничка несреќа во Шпанија
Најмалку 39 лица ги загубија животите, додека десетици с повредени во сериозна железничка несреќа што се случи во вчеравечер во близина на градот Адамуз на југот на Шпанија, кога се судрија два брзи патнички воза.
Препорачано
Според првите информации, задниот дел од возот на приватната компанија „Ирјо“, кој сообраќал на линијата Малага-Мадрид, излетал од шините и се префрлил на соседната пруга, каде што директно се судрил со возот на државната железница „Ренфе“, кој сообраќал од Мадрид до Уелва. Ударот бил толку силен што возот „Ренфе“ бил исфрлен од шините на железничкиот насип.
Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, го опиша инцидентот како „навистина чуден“, истакнувајќи дека судирот се случил на рамен дел од пругата, кој бил обновен во мај оваа година. Тој додаде дека ова е невообичаен случај, особено имајќи предвид дека еден од возовите е стар помалку од четири години, објавува Индепендент.
Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, изјави дека најмалку 75 лица се хоспитализирани, од кои 15 се во сериозна состојба, предупредувајќи дека бројот на жртви може да се зголеми по деталниот преглед на остатоците.
Спасувачките екипи работеле во текот на ноќта извлекувајќи патници од смачканите вагони, а некои од преживеаните сами излегувале низ скршените прозорци.
Шефот на противпожарната служба на Кордоба, Пако Кармона, рече дека вагоните на возот Ренфе биле целосно деформирани, со извиткан метал и седишта што го отежнувале пристапот.
ВИДЕО | Во судир на два воза во Шпанија, 39 загинати, стотина повредени
Локалните власти отворија центар за прием во Адамуз, каде што локалното население донесе храна, вода и ќебиња за преживеаните, додека автобусите ги евакуираа патниците од местото на несреќата.
Патниците кои ја преживеаа несреќата сведочеа за хаос и паника.
Има многу повредени, сè уште се тресам“, изјавил еден патник во возот Малага-Мадрид. Друг патник опишал како вагоните се нишале при ударот, багажот паднал од полиците, а луѓето почнале да врескаат.
Министерот Пуенте нагласил дека причината за излетувањето од шините сè уште не е позната и дека истрагата може да трае до еден месец. Железничкиот сообраќај помеѓу Мадрид и Андалузија е прекинат додека не се завршат сите безбедносни проверки.
Шпанија има најголема мрежа на брзи железници во Европа, со повеќе од 3.100 километри, а системот се смета за еден од најбезбедните. Најлошата железничка несреќа во оваа земја во 21 век се случи во 2013 година во Галиција, кога воз излета од шините поради преголема брзина, при што загинаа 80 лица.


