Улица Перо Наков, Фото: Град Скопје

Возењето по дупки ќе стане минато, ќе се обновува Перо Наков

Улицата ќе се реконструира во должина од 2.000 метри каде што целосно ќе се заменат оштетените и ќе се изградат нови тротоари и ќе се постават нови автобуски стојалишта во должина на улицата.

Огромни дупки што многу тешко можеа да се избегнат дури и од поискусни возачи, големи количества наталожена вода дури и при најмал дожд, ронење на асфалтот, гужви при возењето, немање соодветни пешачки и велосипедски патеки, недоволен број автобуски постојки. Вака со години наназад изгледа една од најфреквентните сообраќајници на територија на општина Гази Баба, улицата Перо Наков.

– Јас како велосипедист навистина имам проблем да се движам по улицата бидејќи има многу раздвиженост во сообраќајот, а несоодветна инфраструктура како пешачка, така и велосипедска. Реконструкцијата на улицата е и повеќе од потребна бидејќи и возачите возат во отежнати услови, а оштетувањето на возилата поради дупките на патот е редовна појава – вели жител од Општина Гази Баба.

Дека конечно ваквата состојба ќе стане минато, надеж на локалното население  но и на сите скопјани и граѓани од внатрешноста на земјава што редовно возат по оваа улица, им даваа неодамнешните најави на градската и на општинската власт за конечна санација на  улицата Перо Наков.

Како што информираат од Град Скопје, проектот за комплетната реконструкција на Перо Наков, целосно ќе биде финансирана од нивна страна. За таа цел, според градските власти, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска потпишала договор за меѓуопштинска соработка со градоначалникот на општина Гази Баба.

– На барање на граѓаните од заедниците „Кирил Петрушевски“, „Триангла“ и „Маџари 1“, кои застапуваат повеќе од 10.000 жители, Градот Скопје ќе ја финансира реконструкција на улицата Перо Наков. Ова е значаен проект за жителите на Гази Баба затоа што улицата не била реконструирана со децении, а станува збор за најфреквентната улица во општината. Конкретно за улицата Перо Наков се планира реконструкција на должина од 2.000 метри каде што целосно ќе се заменат оштетените и ќе се изградат нови тротоари и ќе се постават нови автобуски стојалишта на улицата –  рече Арсовска.

За градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски проектот е одговор на барањата на граѓаните на општината.

– Проектите треба да бидат одраз на барањата на граѓаните. Работиме во нивен интерес. Со реконструкцијата на оваа најфреквентна улица, го олеснуваме функционирањето на околу 30.000 граѓани што циркулираат на дневна основа во овој дел од општината. Ќе биде опфатен потегот од раскрсницата со улица Маџари до улица Индустриска 2 каде што ќе има ископ на коловозна конструкција, тампонирање и асфалтирање со три слоја асфалт, замена на оштетените рабници. Меѓуопштинската соработка со Градот Скопје ќе донесе доста проекти за граѓаните на Гази Баба и ние како општина со ова го започнуваме циклусот на градежна офанзива – изјави Бобан Стефковски градоначалникот на Општина Гази Баба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот