Вонредни избори на Косово: Проблемите никако да завршат

Албин Курти / Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Косовците, повеќе од кога било, сакаат да им дадат шанса на левичарите да владеат, но овој пат со надеж дека нема да бидат лимитирани во тоа од надворешните фактори

Според предизборните анкети, косовското социјалистичкото Движење за самоопределување (ЛВВ), предводено од Албин Курти, ќе победи на предвремените избори на Косово што треба да се одржат на 14 февруари 2021 г., овој пат можеби дури и со убедливо мнозинство во парламентот. Ова е широко распространето очекување кај сите сериозни набљудувачи на косовската политичка сцена, вклучувајќи го и авторот на оваа анализа. Она што не го знаеме е дали на ЛВВ ќе му биде дозволено да го отслужи целиот мандат на функцијата, откако ќе ја преземе власта.

Ова укажува на можеби најгорливиот проблем со кој се соочи најмладата „национална држава“ во Европа од нејзината независност од Србија пред тринаесет години: на политичките партиски елити на Косово им недостасува вистинска моќ и автономија за да управуваат со сопствената земја. Наместо тоа, тие се третираат како пиони, кои им служат на краткорочните интереси на надворешните фактори, кои, пак, замижуваат пред своите политички клиенти што се занимаваат со неконтролирана корупција, со криминал и со заробување на државата. Она што се случува во рамките на косовските граници, не се одлучува во Приштина (како што би било нормално), туку во Брисел и Вашингтон. Навистина, зачудувачки е што ниту една косовска влада не го заврши својот целосен мандат од независноста од Србија во 2008 г., до денес. Судбината на последната демократски избрана влада, сепак, беше несомнено најфлагрантна.

Театар во Белата куќа

Кон крајот на март 2020 г., за време на врвот на првиот бран на пандемијата со ковид-19, администрацијата на Трамп, поточно нејзиниот специјален претседателски пратеник за Србија и Косово, Ричард Гренел, го осмисли колапсот на коалициската влада на Албин Курти предводена од ЛВВ (по само 50 дена на функцијата), бидејќи Курти, очигледно, создаваше многу проблеми за политиката на Трамп. Се зголеми притисокот врз претседателот Хашим Тачи и врз Иса Мустафа, лидерот на коалицискиот партнер на Курти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), и администрацијата на Трамп ја урна владата предводена од ЛВВ на гласање за недоверба во парламентот. На нејзино место се инсталираше малцинска влада предводена од Авдулах Хоти од ЛДК (поддржана од српското малцинство) и на 4 септември 2020 г. се финализираше целиот процес со тоа што Србија и Косово театрално, во Белата куќа, потпишаа договор за „економска нормализација“ на односите.

Оваа зделка очигледно имаше само краткорочен ефект, да послужи за изборните цели на Трамп, и не одразуваше каков било вид на вистинска посветеност на Белата куќа за унапредување на дијалогот Косово-Србија. Сега, кога Трамп го нема, договорот е во голема мера заборавен и бескорисен.

Младите го сакаат ЛВВ

Нема сомнение дека Србија претставува најголема егзистенцијална закана за државноста на Косово со тоа што го попречува признавањето на нејзиниот надворешен суверенитет. Сепак, треба да се истакне дека Вашингтон и Брисел, без да се негира нивната клучна улога во постигнувањето на независноста на Косово, исто така, некако ѝ штетат на неговата државност со честото силно мешање во прашањата на внатрешниот суверенитет. Парадоксално, и покрај често повторуваните дискурси на западните сојузници за демократија и за владеење на правото, нивните регионални политики, влијаени од краткорочни интереси, всушност произведуваат спротивен резултат – исфрлајќи ја од колосек демократијата на Косово.

Навистина, како што изјавија двајца истакнати теоретичари на компаративната демократизација, Хуан Линц и Алфред Степан, демократијата пред сè бара ефективна државност. Без овој предуслов, петте услови за постигнување на консолидиран модерен демократски режим (институционализирано граѓанско, економско и политичко општество; државна бирократија и владеење на правото) не можат да бидат исполнети.

Во тој поглед, Косовците, особено младите, имаат големи надежи во нова победа на ЛВВ на гласачките места на 14 февруари. Ова се должи и на фактот што Вјоса Османи, поранешната претседателка на Собранието, а сегашен вршител на должноста претседател и единствената политичарка од ЛДК, која го поддржа Курти за време на гласањето за недоверба во март 2020 г., ќе учествува на изборите на списокот на ЛВВ и веќе ја објави својата кандидатура за претседателската функција.

Косовците сакаат вработување, сакаат да ги одгледуваат своите деца на свое тло, за тие да не емигрираат, тие сакаат владеење на правото и одговорна влада. Трите најголеми партии на десницата, ЛДК и двете кои излегоа од Ослободителната војска на Косово (УЧК) – Демократската партија на Косово (ПДК) на Хашим Тачи и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај – сите имаа своја шанса и крајно потфрлија во обезбедувањето на какви било услуги по кои копнееја Косовците. Како што беше саркастично забележано од истакнат политички коментатор кај македонските Албанци, цели тринаесет години на десничарските косовски елити им беше доверено да градат држава, но тие наместо тоа – градеа само вили.

Сега е време да се тестираат Албин Курти и ЛВВ, а Косовците повеќе од кога било сакаат да им дадат шанса на левичарите, овој пат, се надевам, без ограничувања од надворешните сили. Навистина, бројни предизборни анкети покажуваат дека ЛВВ води со голема разлика (41-46% од националните гласови) пред второпласираната на анкетите ПДК (16-20%), додека ЛДК паѓа на историски најниско ниво од 15%. Политичката позиција на политичките противници на ЛВВ на претстојните предвремени избори е послаба од кога било досега. Основачот и историски лидер на ПДК, Хашим Тачи, поднесе оставка од претседателската функција и во моментов се соочува со кривично гонење во Хаг за наводни воени злосторства за време на војната во Косово 1998-1999 г., додека ЛДК го виде својот легитимитет како стабилно се смирува откако тие го урнаа коалицискио партнер (ЛВВ) во март 2020 г., а Уставниот суд ја поништи во декември 2020 г. владата на премиерот на ЛДК, Авдулах Хоти (бидејќи парламентарната потврда за администрацијата на Хоти од јуни 2020 година беше изгласана со гласање од законодавец кој оттогаш беше затворен).

Примарна е – политиката

Брисел, а уште повеќе Вашингтон, овојпат треба да ја стават својата тежина зад реформскиот ЛВВ. Непредвидливоста што ја карактеризираше ерата на Трамп сега ја снема, а со тоа и трансатлантската поделба околу дијалогот Косово-Србија. Администрацијата на Бајден треба да ги обнови трансатлантските врски и на тој начин да ги обедини американските и европските траги за унапредување на дијалогот Косово-Србија. Логиката на Трамп/Гренел, според која приоритетите се „економијата –на прво место, политиката – потоа“, беше длабоко погрешна. Не можете да имате економска нормализација во недостаток на заемно дипломатско признавање и во домашни контексти, кои се карактеризираат со неконтролирана корупција и авторитаризам.

Оттука, трансатлантските сојузници треба повеќе да се фокусираат на сузбивање на тие социо-политички аномалии и прво да се заложат за зајакнување на државноста на Косово. Политичката нестабилност на Косово никому не му носи корист, освен на српскиот силен човек Александар Вучиќ. И затоа, Брисел и Вашингтон овој пат треба да ја поддржат реформаторската ЛВВ. Непотребно е да се каже, успехот е далеку од загарантиран, но барем треба да се проба со ЛВВ.

 Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот