Во Матка умираат ендемски видови поради нискиот водостој на акумулацијата

езеро матка
Езеро Матка, Фото: фејсбук

На акумулационото езеро Матка во кањонот на Матка крај Скопје му се заканува еколошка катастрофа поради енормно нискиот водостој, алармираат спелеолозите, нуркачите и другите љубители на природата, фрапирани од празното корито на акумулацијата.

„Буквално половина езеро нема, максимална длабочина на езерото е 15 метри кај браната, сега е некаде на 7 метри“, вели Гоце Димитриевски од нуркачкиот клуб „Врело“.

Тој додава дека и претходно се случувало да се празни езерото, но не повеќе од четири до пет метри под максималната кота.

„Сега водата покрива само дел од коритото во предниот дел на езерото, но накај акумулацијата Света Петка, на места едвај некаде 20-тина сантиметри вода течат низ коритото на реката, која некогаш беше езеро“, вели Димитриевски кој потсетува на слична ситуација пред околу седум-осум години, кога поради дефект на испустната решетка беше испуштено повеќе вода од дозволеното.

„ХЕЦ Матка“ мора да одржува минимален доток на вода. Има кота на минимално биолошко ниво, од таа кота не смеат да вклучуваат турбини и мислам дека тоа секогаш го почитуваат“, вели претставникот на нуркачкиот клуб „Врело“.

„Ние како професионални нуркачи и спелеолози сме сведоци дека оваа состојба е погубна за живиот свет во езерото, и не само за рибите, туку за ларвите, школките, ракчињата, кои треба да се под вода ама сега се останати на суво како и останатиот жив свет во водите на Матка, од кои добар дел се ретки и ендемични видови“, коментира Димитриевски.

езеро матка
Езеро Матка, Фото: фејсбук

Со најстарата хидроцентрала во државава управува ЕВН. Оттаму за „Слободен печат“ тврдат дека  ХЕЦ „Матка“ го испушта потребниот минимален биолошки проток од 5,6 кубни метри во секунда.

„Моментално ХЕЦ „Матка“ нема доволен доток на вода и за оваа ситуација се навремено известени сите надлежни институции“, се вели во одговорот од ЕВН.

Тие потсетуваат дека ХЕЦ „Матка“ на ЕВН Електрани е последна во каскадниот систем.

„Дотокот на вода зависи од ХЕ „Козјак“ кое е на ЕСМ, а после следува ХЕ „Света Петка“ кое исто така е на ЕСМ“,информираат од ЕВН.

Акумулацијата „Матка“ е најстарото вештачко езеро во Македонија. Подрачјето на кањонот Матка каде што е изградена ХЕЦ „Матка“ претставува подрачје со високо ниво на биолошка разновидност, хетерогеност и ендемизам, но со години чека да биде донесен закон за негово репрогласување за заштитено подрачје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот