Во маркет ќе може да се плаќаат сметки за струја, вода…

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Кое било трговско друштво што ја исполнува регулативата ќе може да дава платежни услуги, објаснуваат од Народната банка

Штедилници, но и продавници, ќе може да даваат платежни услуги. Ова го предвидува новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој беше претставен од страна на Народната банка. Во Законот е наведено дека платежна институција и институција за електронски пари може да биде трговско друштво основано во Република Северна Македонија, кое добило дозвола од Народната банка за давање на овие услуги.

– Од оваа година и штедилниците ќе може да даваат платежни услуги. Но, и трговски друштва може да бидат платежни институции. Така, може да одите да пазарувате и заедно да си ги платите сметките – објасни Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка на работилницата за новиот закон што се одржа викендов.

Тој е дециден дека кое било трговско друштво што ја исполнува регулативата ќе може да дава платежни услуги, а очекува дека постепено ќе заживее таа практика, односно дека трговците ќе си го најдат својот интерес за извршување на оваа услуга.

Со цел да се доближи до граѓаните поимот платежна институција Величковски рече дека во моментов тоа се „Дајнерс“  и „Иуте“ кои издаваат картички и институциите за брз трансфер на пари. Според Закон за платежни услуги и платни системи, правните лица што до денот на примената на овој закон давале платежни услуги (освен банките),  должни се до 1 јануари 2024 година да поднесат барање до Народната банка за добивање дозвола за платежна институција или за институција за електронски пари.

– Разлика меѓу банките и платежните институции и институциите за електронски пари е тоа што тие ниту собираат депозити, нити даваат кредити – вели Величковски.

„Електронски пари е парична вредност што се чува во електронски облик, вклучувајќи и магнетски облик, издадена врз основа на прием на парични средства за цели на извршување на платежни трансакции, која е прифатена како средство за плаќање од страна на физичко или правно лице, различни од издавачот на електронски пари и која претставува парично побарување од издавачот на електронски пари“, пишува во Законот.

– Ќе имаме специјализирани институции што ќе издаваат електронски пари. Тоа се пари што се ставени на картичка. Но, ако ја загубиме картичката, сме ги загубиле и парите. Ова не се пари поврзани со трансакциска, односно со платежна сметка како што се вика од 1 јануари 2023 година. Ако загубиме некоја банкарска картичка, сите знаеме дека може да се јавиме во банката и таа ќе ја блокира и не може да се врши исплата. Во случај кога издавач е институција за електронски пари, ако ја загубиме картичката, исто е како да сме загубиме кеш – објасни Величковски.

На новинарско прашање зошто би користеле тогаш такви картички Величковски вели дека со нив може да има попривлечни услови, може да се користат како картички за подароци, може да се поврзани со попусти во одредени трговски мрежи, а и ќе има лесен пристап до нив. Инаку, и институциите за електронски пари не може да собираат депозити и да вршат кредитирање.

Величковски објаснува дека парите што граѓаните ги даваат во платежната институција, или во институцијата за електронски пари се заштитени.

– Парите одвоено се чуваат од другите парични средства што се за работењето на платежната институција, или на институцијата за електронски пари. Тие се депонираат на посебна сметка кај некоја банка, или во Народната банка, или пак се чуваат во краткорочни хартии од вредност издадени од државата. Во случај на стечај на платежната институција, или институција за електронски пари, овие пари не влегуваат во стечајна маса – објасни Величковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот