Во Галичник ќе биде изведена монодрама за Ѓорѓија Пулески по повод 150 години од издавањето на „Речник од три јазика“
Премирата на монодрамата насловена „Ја, Ѓорѓуја Пулески – роден су од камен“, во чест на јубилејот 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ на големиот Пулески, ќе се одржи на 11 јули, во 21 часот, на амфитеатарот на чешмата Упија во Галичник.
Препорачано
Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје! Текстот е напишан од авторот Миле Бошњаковски на македонски јазик, односно на еден од неговите автентични говори – мијачкиот. Искрата на Ѓорѓија Пулески и неговиот чист и јасен крвоток како основоположник на македонистиката, од 19 век во оваа 2025 година ќе ни ја пренесе нашиот познат актер Рубенс Муратовски.
Музичката подлога инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“ ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а ќе ја изведат во живо во рамки на премиерата заедно со маестралните Мајовци. Претставата е во режија на театарскиот режисер Бојан Трифуновски.
Ѓорѓија Пулески со објавата на „Речник од три јазика“ пред 150 години јасно, прецизно и со острина на галички камен го втемелува македонскиот јазик во лингвистичкото семејството на Балканот, Европа и целиот свет. Сеќавањето на Пулески и на неговото творештво, кое е од исклучително значење за македонскиот јазик и тоа во неговиот роден Галичник, овој Петровден треба да биде „ехо“ кое ќе се пренесува во наредните векови.
Монодрамата ќе биде изведена под отворено небо во центарот на Галичник, на амфитеатарот пред чешма Упија и вила „Доста“. Влезот е слободен за секој посетител на Галичник.


