Во Битолскиот народен театар почнаа пробите за новата претстава со наслов „Жиголо“
Битолскиот театар изминатите месеци успеа да реализира повеќе премиери на театарски претстави, успеа да ја зголеми посетеноста на изведбите, успеа да го врати театарот на публиката.
Препорачано
Последните премиери пред Новата година беа спектаклот за деца „Снежана и седумте џуџиња“ и новогодишната претстава „Снежната кралица“. За оваа година од театарот беше ветено да се стави фокус на претстави на македонски автори и режисери.
Ветувањето почна да се реализира со подготовката на праизведбата на македонскиот текст „Жиголо“ од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак. Драматург е Оливера Павловиќ.
Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски. Претставата ќе биде реализирана од сопствени средства на театарот, а премиерата е закажана за 1 март 2025 година.


