Внимавајте што купувате, има дури и фалц чоколади!

Дури 62 отсто од производите што лани биле задржани од цариниците поради сомнеж дека е повредена интелектуалната сопственост се – чоколади. Повеќе од 20 отсто се текстилни производи, а 7 отсто отпаѓаат на очила за сонце, женски паричници и велосипеди

Иако на прв поглед се поевтини, фалсификуваните производи го загрозуваат и здравјето на граѓаните. Експертите тврдат дека фалсификати убијци има меѓу лековите, алкохолот и детергентите и дека секој треба двапати да размисли пред да се посегне по ваков производ. Едно поранешно истражување покажа дека е погрешно мислењето на потрошувачите дека фалсификатите во Македонија се продаваат на пазарите. Напротив, најмасовни фалсификати се нудат на интернет.

Според податоците на Царинската управа, најголемиот дел од фалсификуваната стока што стигнува во Македонија е од Турција (90 отсто) и од Кина (7 отсто), а дури 62 отсто од производите кои се задржани поради сомнеж дека е повредена интелектуалната сопственост се – чоколадите! Повеќе од 20 отсто од фалсификатите се текстилни производи, а 7 отсто отпаѓаат на очила за сонце, женски паричници и велосипеди. Во Годишниот извештај на Царината, стои дека во 26 акции лани привремено билe задржани 69.520 парчиња стока поради основано сомневање за повреда на правото од интелектуална сопственост.

– При непосредна царинска контрола откриени се 26.621 случаи, каде што се поднесени несоодветни документи, неусогласеност со мерките на трговската политика (невалидни, фалсификувани и други несоодветни документи). На тој начин увозниците се обиделе да избегнат плаќање на увозни давачки кон државата во износ од над 497 милиони денари – резимираат од Царината.

Но, високите казни не ги демотивираат шверцерите. Лани се спречени 3 обиди за шверц на 1.610 пакетчиња лекови и над 17.000 таблети за птици. Имало обиди и за шверц на ХТЗ опрема (ракавици, шлемови, чевли и елеци) од Турција, спречен е обид за шверц на 18 крзнени бунди од БИХ, како и 480 чифта патики од Албанија. Царините лани спречиле и обид за шверц на фризерски материјали – бои за коса, бланш, серуми и маски, како и паметни часовници, слушалки, накит и друго.  

Законот за царински мерки за спроведување заштита на правата од интелектуална сопственост, им дозволува на цариниците да ги задржат можните фалсификати и да го информираат носителот на правото преку неговиот правен застапник за утврдување на оригиналноста на стоката. Доколку носителот на правото потврди дека стоката е фалсификат, Царината започнува постапка за уништување на стоката, но доколку од носителот на правото добие известување дека стоката е оригинал по завршување на царинските формалност се пушта во слободен промет.

Фалсификуваната стока, наместо да се уништи, Царината може и бесплатно да ја отстапи. Се отстапуваат облека и обувки за семејства од социјален ризик, како и за санирање последици од елементарни непогоди. За да се отстапи фалсификуваната стока треба согласност од носителот на трговската марка, а треба да се обезбедат и уверенија од надлежните органи дека стоката е безбедна за користење. Пред да се предаде стоката се отстрануваат и обележјата на трговската марка.

Дваесетина години наназад Македонија ги реформира и надополнува законите од областа на заштитата на интелектуалната сопственост. Заштитата, веќе не е само тренд, ами резултат на зголемена свест, дека тоа е во интерес не само на увозниците, туку и на производителите и на потрошувачите. Освен бизнис аспектот, заштитата на трговските марки има и друга димензија во генералната слика што се создава за државата. Во зависност од тоа на кое ниво се наоѓа заштитата на трговските марки, и проблемите што се создаваат во трговијата поради фалсификувани производи, Македонија расте или паѓа во очите на потенцијалните инвеститори. Заштитата на интелектуалната сопственост е еден од приоритетите што Европа од нас побара темелно и квалитетно да ги решиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот