Власта и опозицијата ги „пеглаат“ желбите за комисиите: Собраниска седница ќе има до крајот на неделава?

Пратеничките групи се блиску до договор кој со која собраниска комисијата ќе раководи. Извори во коалицијата предводена од СДСМ, за Слободен печат велат дека доколку денеска и утре ги „испеглаат желбите“ со опозициската ВМРО-ДПМНЕ најверојатно собраниска седница на која треба да бидат избрани претседателите, замениците и членовите, но и потпретседателите на парламентот, ќе има до крајот на неделава.

Координаторот на СДСМ, Јован Митревски, за Слободен печат вели дека власта и опозицијата се блиску до договор и дека има консензус за одредени комисии.

– Станува збор за 21 комисија. По 8 имаме ние и ВМРО-ДПМНЕ, 3 ДУИ и 2 Алијансата и Алтернатива. Одлука за собраниските комисии се носи со консензус помеѓу сите пратенички групи, но тоа не значи дека ќе дозволиме уцени и ултиматуми од опозицијата со крајна цел блокада на работата на Собранието. Имавме една коордианција сабајлево и очекувам дека ќе најдеме заеднички јазик во текот на денов за да го затвориме и ова битно прашања за функцонрањето на Собранието, вели Митревски.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за Слободен печат вели дека денешната координација кај спикерот Џафери била кратка и техничка која траела само околу еден час. На неа немало договор за собраниска седница. Мицевски потврдува дека уште минатата недела ги доставиле нивните барања за собарниските комисии и очекува договор меѓу другите координатори за останатите собраниски комисии.

– Не знам зошто не можат да се договорат, но спротивно е од она што го ветуваше владејачкото мнзоинство дека ќе се залага за брзи и функционални институцеи. Еве гледаме дека и по две недели нема договор меѓу партиите од власта кој со која собраниска комисија ќе раководи. Уште пред една недела до Собранието ги доставивме предлозите за членови и претседатели на Комисиите, согласно она што ни следува како опозиција, вели Мицевски.

Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ ги очекува истите комисии кои беа под нивно водство во претходниот собраниски состав. Комисијата за избори и именувања, на чие чело стоеше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ веќе не е во рацете на опозициската партија, односно премина кај СДСМ и на нејзино чело стои Костадин Костадинов. ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе раководи со комисиите за финансии, за труд и социјала, за надворешни работи и со Националниот собраниски совет. Според собраниски извори, главната битка с еводи околу Комисијата за транспрот и врски која ја очекува ВМРО-ДПМНЕ, а ја посакуваат и други пратенички групи.
Во јавноста неофицијално се говореше дека комисијата за европски прашања ја посакуваат и ДУИ и Беса.

Во меѓувреме, од кабинетот на спикерот Џафери велат дека до Собранието нема пристигнато предлог за седница од ниту една политичка партија.

– Претседателот Џафери ќе ја свика седницата за формирање на работните тела на Собранието во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент таков предлог не е доставен од ниедна партија. Откако ќе стигне, претседателот може да свика седница, велат од кабинетот на Џафери.

Во петок во Собранието, во организација на Парламентанриот институт ќе се одржи обука на новоизбраните паратеници. Новите народни избраници ќе бидат запознаени со нивните права и обврски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот