Владата му се налути на „ТЕ-ТО“, го раскинува договорот за државна помош

Владата одлучи еднострано да го раскине договорот за државна помош за Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, се додека не се создадат правни услови за ова помош, соопшти Владата без да се прецизира какви се тие правни услови.

„Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од раскинување на Договорот за доделување на државна помош, и на Анексот на Договорот за доделување државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД СКОПЈЕ, и донесе Одлука за едностран раскин на овие договори заради фактот дека не се постигна согласност за создавање правна основа за оваа државна помош“, соопшти Владата.

Оттаму информираа и дека согласно со одлуката, „ТЕ-ТО“ е должен да си го плати данокот што го должи кон државата, и дека ако постои законска рамка и можност, ќе се дозволи плаќање на рати.

„ТЕ-ТО“ од август минатата година е на врвот на црната листа на неплаќачи на УЈП. Тогаш имаше неплатен данок на добивка од 15,9 милиони евра, а според последната листа, објавена пред некој ден, неплатениот данок на добива е 13 милиони евра.

Но, она што е збунувачко со новата одлука на Владата е што точно пред една година, таа донесе одлука за државна помош на „ТЕ-ТО“ и тоа во форма на одложување на плаќањата на неплатениот данок во рок од 9 години. Тогаш Владата беше остро критикувана зошто и дава помош на фирма која е под истрага за предизвикување на лажен стечај и перење на пари, а од Владата пред една година одговорија:

„Во интерес на државата е објектот да работи без запирање. Согласно со Законот за државна помош, Владата донесе одлука за одложување на плаќањето на даночниот долг“.

Долгот на „ТЕ-ТО“ што се води како данок на добивка всушност не е настанат од класична добивка, како разлика меѓу остварените приходи и расходи, туку тоа е долг настанат поради отпишани побарувања, кои исто така се оданочуваат како добивка.

Како што е познато, „ТЕ-ТО“ во 2018 година кус период беше во стечат и направи План за реорганизација, одобрен од судот, а  кој опфаќаше и отпис на побарувањата што ги имаат доверителите, и тоа во висина од дури 150 милиони евра. Тогаш „Топлификација“ го обвини „ТЕ-ТО“ за отворање лажен стечај за да не ги плати обврските кон „Топлификација“, а Финансиската полиција соопшти дека поднела кривична пријава за сомнеж за лажен стечај во „ТЕ-ТО“, но и за отворена истрага за сомнеж за перење пари од сомнителни трансакции во Русија. Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на акционерите на Топлификација и на Финансиската полиција, со образложение дека не смета дека треба да ги гони по службена должност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот