Владата ги продолжува преговорите со СОНК, Зибери вели дека правото на децата треба да натежне

Насер Зибери, Јаким Неделков / Фото: Архива; Колаж: СП.

Да се преземат сите мерки за да продолжни наставниот процес. Вакви претставки неколку родители испратиле до Народниот правобрантел Насер Зибери. Според него, родителите ги поддржуваат наставниците, но сепак мора да се најде начин како да продолжи учебната година.

Правобранителот кажа дека ситуацијата има две уставно загарантирани права, правото на штрајк и правото на образование на децата. Сепак, во меѓународното право треба да натежне правото на децата.

– Значи, се работи за паралелно, со Устав гарантирани права. Но во ваква ситуација, според меѓународните документи и Конвенцијата за правата на детето, во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на детето, што значи не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици, изјави Зибери за медиумите по отворањето на тркалезната маса за унапредување на правата на децата со попречености.

Министерот за образование, Јетон Шаќири, претходно информираше дека Владата ќе ги продолжи преговорите со СОНК, и повторно апелираше образвониот процес да продолжи.

Тој денеска на седница на Влада ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и соопштени во јавноста. Министерот повторно ги повика наставниците да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата и да ги повикаат учениците во училиштата.

Шаќири не прецизираше дали на владината седница ќе се разгледува нов процент што би им бил понуден на СОНК, но апелираше да се има доверба во процесот, преговорите да продолжат, соопштувајќи дека ќе има ребаланс на буџетот и е можно пренасочување средства во министерствата како што предлага МОН за својот буџет.

– Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи. За оваа значајна тема ние може со претставници на СОНК и неговиот Совет секој ден да ги продолжиме преговорите, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза, изјави Шаќири за медиумите по отворањето тркалезна маса за унапредување на правата на децата со попречености.

ВИДЕО | Тренчевска за УБ: Очигледно дека на СОНК само парите им се важни, не зборуваат за унапредување на правата на вработените

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот