Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска со монографија одбележува 25 години творештво

Пандора Апостолоска Саздовска

Промоцијата на „Монографија – 25 години творештво“ на Пандора Апостолоска Саздовска ќе се одржи на 19 јануари, со почеток во 21 часот, во концепт-просторот „Бруталиск“ (центар за мултимедијален проект, архитектура, уметност и дизајн) во Скопје.

Монографијата „25 години творештво“ на Пандора Апостолоска Саздовска ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторката во период од 25 години творечка работа. Текстот е на историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски, кој потенцира дека Пандора Апостолоска Саздовска е мултимедијална уметница. Таа работи цртеж, сликарство, објекти/инсталации, перформанс, фотографија…– без самонаметнати преференци и правила, туку водена од „темата“ го избира и најсоодветниот авторски исказ.

– На нејзините изложби најчесто гледаме комбинација на медиуми/искази, а тоа следствено се пренесува и во многу нејзини дела, каде што сликата, на пример, се трансформира во објект, објектот во инсталација, перформансот во слика итн. Тоа говори за уметница со комплексна мисла и авторски исказ, за типичен постмодернист и ангажиран творец воден од идејата, темата, проблемот… елабориран во нејзината внатрешна „лабораторија“ на рефлексии и чувства, избори и одлуки – истакнува Теодосиевски.

Пандора Апостолоска Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 г. дипломира на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски.

Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го Музејот на современата уметност во Македонија, Музејот на Марк Ротко во Латвија, Националниот музеј во Кина, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман (Јордан), Универзитетот во Шаржа (Обединетите Арапски Емирати) и други.

Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, а во 2023 година беше визитинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот