Вистината зад фотографијата на принцезата со мустаќи и приказната дека поради неа биле извршени 13 самоубиства

Instagram

Фотографиите од оваа жена одвреме навреме се појавуваат на Интернет и секогаш за кратко време стануваат вирални. Покрај нив секогаш има објаснување дека се работи за персиска принцеза од почетокот на 20 век, која важела за најголемата убавица на своето време, поради која 13 мажи извршиле самоубиство, бидејќи таа ги одбила.

Instagram/historyphotographed

Но, ништо од ова не е точно!

Насир ел-Дин Шах Кајар бил персиски шах кој владеел во средината на 19 век. Вообичаено за тоа време, шахот имал многу конкубини, во неговиот харем имало дури 84. Имал и најмалку десетина официјални сопруги, па отприлика може да ви стане јасно колку жени шахот во секој момент имал на располагање.

Главниот приоритет на секој владетел бил како да обезбеди потомство. Насир имал 21 дете, 11 принцови и 10 принцези.

Најинтересна меѓу нив била принцезата Фатема Канум Есмет ал-Доулех, ќерка на шахот и една од неговите официјални сопруги Таџ ал Доуле.

Убавица со мустаќи

Фатема денес важи за една од најфотографираните жени на дворот на шахот. Повеќето фотографии ги направил нејзиниот татко, кој бил страствен фотограф.

Во оскудните историски податоци што постојат за нив, никаде не се спомнува дека станува збор за „најубавата жена во своето време“ или дека наводно 13 млади луѓе се убиле затоа што таа ги одбила. Бидејќи, како и сите жени од тоа време, таа најраната младост ја поминала во харемот, опкружена исклучиво со жени, тешко дека имала можност да разговара, а уште помалку да одбие дури 13 мажи.

Instagram/ijeomadaisy

Покрај тоа, Есмет се омажила кога имала 9 или 10 години. Бракот бил договорен, па затоа е малку веројатно дека принцезата претходно видела мажи кои не биле нејзини роднини.

Единственото нешто што е делумно точно во приказната што кружи на Интернет е дека изгледот на принцезата во Персија во тоа време се сметал за пожелен.

Принцезата била ниска и дебелка. Главата и вратот ѝ биле покриени со богато украсена шамија, на нејзиното лице главни адути биле споените веѓи и темните, многу изразени мустаќи.

Сепак, критериумите за убавина во тоа време биле такви, особено во високата класа. Колку е посилна и подебела жената, толку била поубава, а тоа особено се однесувало на жените од владејачката династија. Тие јаделе најдобра храна и не им било дозволено да се движат премногу често.

принтскрин

Мажествениот изглед, кој вклучувал дека жената е силна и влакнеста, со тоа станал еден вид симбол на убавината во Иран во 19 век.

Дворот на шахот често го посетувале странски пратеници, фотографи и уметници. Ако биле придружувани од сопругите, поважните добивале можност да се сретнат со членовите на семејството на шахот.

Сопругата на извесен белгиски амбасадор во 1877 година се запознала со принцезата Есмет и после тоа во својот дневник напишала дека е „ужасната“.

Над нејзината горна усна, принцезата има јасно видливи црни мустаќи кои ѝ даваат машки изглед – напишала Европејката и Есмет на уште неколку места во дневникот ја нарекла „принцеза со мустаќи“.

Жената зад ликот на фотографијата

принтскрин

Фактот дека денес за принцезата Есмет најмногу се зборува со потсмев е тажен, бидејќи таа всушност била многу важна личност во времето во кое живеела. Научила да свири на пијано и се смета за првата Иранка што го направила тоа.

И самата, веројатно под влијание на нејзиниот татко, станала фотограф и во својата куќа имала мало студио. Таа ги фотографирала сопругот и нејзините пет деца.

Се чини дека нејзиниот татко имал голема доверба во неа бидејќи тој ѝ дозволил да биде постојан придружник на европските дами кои го посетувале дворот. Ова води до заклучок дека таа скоро сигурно зборувала барем еден странски јазик.

И времето наведено покрај фотографиите на оваа принцеза е погрешно, бидејќи најголемиот дел од својот живот го живеела во 19 век, а не во 20, како што се наведува.

Забележано е дека Фатема Канум Есмет ал-Довле починала во 1905 година (значи на самиот почеток на 20 век). Таа имала само 41 година и била погребана покрај нејзиниот сакан татко, пишува Историски забавник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот