ВИСИ ВО ВОЗДУХ скринигот на трудниците и лекувањето во странство на БЕБИЊАТА со вродени срцеви мани

Бебиња/ Фото: МИА

Откако детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски заедно со уште неколку педијатри и анестезиолози си занимаа од клиниката „Жан Митрев“ отворено е и прашањето кој ќе ги следи трудниците кај кои неонаталниот скрининг ќе покаже дека плодот што го носат има вродена срцева аномалија. Досега лекарите од Клиниката за гинекологија овие трудници ги праќале во „Жан Митрев“ каде се советувале со лекарите кои си заминаа од клиниката.

Трудниците скрининг прават на Гинекологија во првото тромесечие околу 13-та недела како и потоа во 23-та недела. Гинеколозите врз основ на ехо преглед и испитување од крв утврдуваат дали кај плодот има вродени аномалии, а ако треба се прави и испитување на плодовата вода. Трудницата кај која ќе се утврди дека плодот има срцева аномалија се консултира со детски кардиохируг и со педијатар кои и даваат препорака околу тоа колку е сериозна аномалијата, дали може да се оперира, колкави се шансите за преживување. Како што неофицијално дознаваме, во моментов има пет трудници чија состојба ја следел детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски. Со кого сега ќе се консултираат овие жени не се знае. Лекарите од Гинекологија велат дека од надлежните очекуваат насоки како да постапуваат понатаму, односно каде да ги праќаат овие трудници.

– Важно е овие консултации да се бесплатни како што беше досега – потенцираат гинеколозите.

Нејасно е и како понатаму тече издавањето на конзилијарно мислење за кардиохируршките операции на новороденчиња во странство. Досега овие конзилијарните мислења ги потпишуваат детските кардиолози од Клиниката за детски болести и Чадиковски како единствен лиценциран детски кардиохирург во земјава. Од Фондот за здравствено осигурување велат дека тие дозволуваат лекување во странство само со конзилијарно од лекари на соодветна универзитетска клиника. Од Клиниката за детски болести пак велат дека годинава не издале ниту едно вакво конзилијарно мислење, туку сите деца со вродени срцеви мани што треба да се оперираат ги праќаат во „Жан Митрев“.

Од Министерството за здравство засега нема објаснување ниту како ќе тече следењето на трудниците кои носат плод со вродена срцева мана, ниту пак кој ќе го замени Чадиковски во одлучувањето за лекување во странство. Министерот Венко Филипче рече дека операциите кои до сега ги правел Чадиковски ќе ги прави Жан Митрев, но нејасно е дали по истата логика ќе важи и за комисиите. Ако важи, тогаш се поставува прашањето зошто истото не им се дозовли да го прават и кардиохирурзите од државната Кардиохирургија или од „Аџибадем Систина“, каде имаат исти лиценци за работа како и Митрев. Стравот кој постои е дека приватните болници за да земат повеќе пари од ФЗО се во состојба да прифатат и изведување на операции за кои немаат соодветни кадровски услови.

Упатените објаснуваат дека има повеќе од 150 различни дијагнози кај новороденчињата и децата и околу 260 оперативни техники, а кај нас би можеле да се оперираат половината, бидејќи тие се почести и со нив нашите хирурзи би можеле да стекнат вештина. За останатите дијагнози, ако сакаме најдобар третман на децата, треба да се праќаат во референтни центри.

– Надлежните треба да си го постават и прашањето зошто Словенија, која има ист број на жители како и ние, нема детска кардихиругија – велат упатените.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот