Бојан Трпевски - Мак, здружение на млади правници - Фото -Слободен печат - Методи Здравев
Бојан Трпевски - Мак, здружение на млади правници - Фото -Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Со генерација ЗЕТ до почиста животна средина во Македонија

Во основно училиште нè учеа дека „чистотата дава сила“, но се чини многумина не ја научиле оваа лекција. Живееме во место каде што на секој чекор се соочуваме со ѓубре, дишеме нечист воздух и ги имаме едни од најзагадените градови во светот, се срамиме од сликата на метрополата. Животната средина ни е на пола копје.

Прашањето за чиста животната средина редовно е тема за дискусија низ медиумите, од страна на здруженија и организации се организираат различни настани со цел да се мотивираат институциите да преземат некакви мерки за да го подобриме квалитетот на животот. Од друга страна, пак, никој кој досега ја тужел државата за загаден воздух не го добил случајот.

Од Македонското здружение за млади правници објавија „Упатство за најдобри практика со цел активно вклучување на младите активисти и младинските организации во процесите за заштита на животната средина на локално ниво“. Ќе можат ли младите да помогнат во борбата за почиста животна средина?

Младите можат да реагираат по ова прашање не само со барања, предлози до институциите, туку и со протести, вели за „Слободен печат“ Бојан Трпевски од МЗМП, но според него проблемот е во оскудната вклученост на младите во процесите.

-Бројот на младите активно вклучени во донесување одлуки, давање предлози за почиста животна средина, кај нас, е незадоволителен. Само во 28 општини има младински совети, немаме Национално собрание за млади, тоа треба да се промени во иднина – вели Трпевски.

Трпевски е уверен дека за идните градоначалници животната средина ќе биде ставена во преден план.

-Локалната самоуправа мора сериозно да се зафати со ова прашање, бидејќи условно речено зборуваме за „темпирана бомба“. Општините треба да одвојуваат сериозни средства за почиста животна средина, правилно да ги планираат политиките за сите проблеми кои денес ги имаме во догледно време да станат минато – рече тој.

Не треба темата за животната средина да биде ветер во магла, празни ветувања, како што вели Трпевски, не сме свесни дека зборуваме за сè околу нас, се работи за комплексна тема.

-Животната сардина не е само воздухот и отпадот, за што најчесто зборуваме, туку и подземните води. Оваа година кога се соочивме со недостаток на вода за пиење во некои населби, сфативме колку се важни подземните води. Тогаш почнавме да зборуваме за штедењето на вода, за загубите – вели нашиот соговорник.

Бојан Трпевски - Мак, здружение на млади правници - Фото -Слободен печат - Методи Здравев
Бојан Трпевски – Мак, здружение на млади правници – Фото -Слободен печат – Методи Здравев

Според Трпевски Упатството што го направиле е со цел транспарентност до правните можности коишто ги имаат младите, да знаат што е во нивна моќ и што можат да преземат.

-Имаме редовна комуникација со младите, кај нив постои иницијатива за да се направат општествени промени за подобар живот. Имавме серија на прашања од млади, за тоа како оди процедурата да се достават барање до општината за да се направи велосипедска патека. Често се јавуваат и за насоки околу управувањето со отпадот. Ние им стоиме на располагање на сите млади кои ќе забележат нешто, имаат некаков предлог околу животната средина и воопшто за правна информација и поддршка – рече нашиот соговорник.

Целиот разговор со Трпевски е достапен на јутјуб каналот на „Слободен печат“.

ФОТО | Жална слика од Гостивар: Вардар без вода, коритото полно со камења и отпад

Арсовска: Мицкоски несреќо, четири години твоите советници и претседателот го блокираа и урнисаа Скопје

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот