ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Петковски: Доколку имате идеја, држете се до неа и направете ја реалност

Давид Петковски-Бреинстер/ Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини … се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал. Се надеваме дека на ваков начин ќе ја поттикнеме јавната свест но и надлежните институции да се издвојуваат повеќе средства за оваа намена, да најдат начин да ги промовираат нивните идеи онаму каде што треба за подобро утре за сите нас. Воедно, ова нека биде и отворен повик до сите што сакаат да ги споделат своите успеси и иновации со нас, но и со целата јавност, да се пријават на официјалната имејл-адреса.

Давид Петковски е студент на „Бреинстер Некст Колеџ“. Автор е на „Битбајт.мк“ страна на којашто сопствениците на ресторани, кафулиња и останати локали во Македонија може да изгенерираат свој кјуар код за да гостите го прочитаат менито. Петковски вели дека секако сакаат да се прошират и надвор од границите на Македонија.

Давид Петковски-Бреинстер/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

-Заедно со мојата колешка, Атанасија Георгиевски минатата година на факултет работевме на проектот којшто одлучивме да го крстиме „Битбајт“. Идејата за овој проект всушност дојде од последниот предмет на факултет, којшто ни беше имплементација на решение, каде што добивме шанса да работиме на реален проект и да видиме како всушност оди работата на еден таков проект. Почетната идеја беше само едно обично Кјуар код мени. Ние одлучивме да ја доработиме и малку да ја прошириме и навистина да ја пуштиме во употреба страната. Со тоа што минатото лето ја добивме таа шанса од „Бреинстер“, бидејќи бевме тука на пракса- вели Петковски.

Тој објаснува дека одбрале да биде едно мени, бидејќи забележале дека пазарот во Македонија е презаситен со едно исто мени кое се користи од сите, со ист изглед, со истите слики, дури и за производите кои ги нудат.

Давид Петковски-Бреинстер/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

– Така одлучивме да донесеме нешто што ќе донесе малку диверзитет во сите тие менија, со тоа што, со нашиот продукт му оставаме на корисникот самиот да си го менува своето мени кога и како што тој сака. До сега доколку некој сакаше да ја смени цената, да стави некој продукт на десет проценти попуст, за да го направи тоа, треба да се јави на компанијата што му го прави менито, па тие доколку не заборават, да го сменат тоа. И најчесто таа промена трае еден или два дена што би било доцна за некаква промоција. На нашиот продукт, тоа може да го направи самиот сопственик на локалот, буквално за десет секунди-вели Давид.

Врз база на корисничко тестирање на апликацијата, дошле до идеја за дизајн којшто мислеле дека е најпрактичен за еден ваков продукт.

– Потоа, имаше неколку месеци каде изучувавме дополнителни технологии коишто би ни помогнале при изработка на ова мени. И за еден месец приближно успеавме да ја направиме првата верзија на нашето мени, што можеше да биде искористена од било кого, не само од нас како програмери, што ја разбиравме. Во моментов имаме над педесет креирани менија на нашата апликација. Некои се за тест, некои навистина ги користат. Мислам дека имаме околу десетина менија кои секој ден ги користат локалите-вели Петковски.

Давид Петковски-Бреинстер/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Петковски со порака за младите иноватори, доколку имаат некоја идеја, да се држат цврсто до неа, и да направат сè што е во нивна можност идејата да ја направат реалност.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот