ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Невена Георгиевска, „О2 иницијатива“: Потребни се државни станици за мерење на загадувањето околу Цементарница „Усје“
Не е изводливо да се премести Цементарницата „ТИТАН Усје“, но треба државата да биде поактивна во однос на контролите, вели Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“. Таа посочува дека извештаите што Цементарницата ги дава на неделно ниво во однос на емисиите, се од нивни приватни мерни станици. Граѓаните пак, за попладне организираа протест пред фабриката за цемент.
Препорачано
-Довербата на граѓаните во институциите е на многу ниско ниво, особено поради тоа што контролите најчесто се најавени. Кога контролата е однапред позната, нормално е народот да се сомнева во резултатите. Податоците што ги добиваме се од станиците што ги има самата фабрика, но тие не се поставени насекаде. На пример, надворешното загадување, прашината и слично не се регистрираат, туку се мери само производниот процес. Затоа ги поздравуваме и поддржуваме сите граѓански иницијативи за заштита на здравјето и правото на протест.
Меѓутоа, сметаме дека дислокацијата на Цементарницата не е реално решение, бидејќи загадувањето само би се префрлило на друго место. Тоа не е суштинско решение. Според нас, потребни се редовни и ненајавени контроли, испитување на филтрите и обврзување на фабриката да користи гас наместо петрококс или мазут – вели Георгиевска.
Таа вели дека таму треба да се применуваат што е помалку загадувачки процеси и да се искористи постојната гасификација и да се користи гас.
-Забрането е увозот на отпад за согорување, но да не заборавиме дека одреден отпад се користи и како суровина, на пример старо железо. Тоа не може целосно да се забрани, бидејќи одредени индустриски капацитети работат токму на таа основа. Затоа процесот мора да биде строго контролиран и постојано проверуван. Дури и кога сè функционира според правилата, постои загадување, но тоа треба да биде во граници што се толерантни. На долг рок, ваквите индустрии не треба да бидат лоцирани во населени места – вели Георгиевска.
Георгиевска посочува и на некои иницијативи да се направи прстен околу Цементарницата со државни мерни станици.
Во моментов, потребни ни се едноставни, брзи и јасни решенија, како и стратегија со редовна контрола, оценува екоактивистката.
-Ако нешто не дава резултати, мора да се смени пристапот. Освен големите индустриски капацитети со А и Б интегрирани дозволи, сериозен проблем се и малите загадувачи кои воопшто не се регулирани: диви депонии, автосервиси што согоруваат масла и отпад. Иако се мали поединечно, нивниот број не е занемарлив и тука општините мора да имаат поголема улога-вели Георгиевска.
Според анализите за кои зборуваше, загадувањето доаѓа од повеќе извори, а процентуалното учество варира во зависност од годината. Во зимските месеци тоа варира некаде од околу 40%, односно 39%, па сè до 60% и најмногу е од согорување биомаса. Тука се претпоставува дека станува збор за домаќинствата. Потоа следува индустриското загадување, а сообраќајот исто така има значително учество.
– За разлика од зимата, во летните месеци процентот на загадување од сообраќајот е поголем. Во тој период имаме и загадување од горење отпад, стрништа и други материјали што нелегално се палат на отворено. Тука е и земјената прашина – од градилишта, раскопувања и слично – па затоа во лето доминираат токму тие извори-вели Георгиевска.
Таа зборуваше и за Законот за контрола на индустриски емисии и го повтори ставот на екологистите дека не смее да постои деловна тајна во однос на тоа што се согорува.


