ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Амар Качар: Ми беше жал камионската тенда да заврши на отпад, ја претворив во модерни чанти
Дали би носеле чанта направена од тенда за камион? Креaтивнот ум на скопскиот моден дизаjнер Амар Качар, кој твори под модниот бренд РЕД, одново изненадува. Тој овојпат направи еко торбички изработени од невообичаен материјал.
Препорачано
– Работев во едно кафуле, таму подолго време стоеше една изветвена тенда за камион, исцртана од повеќе уметници. Бидејќи почнаа да зборуваат дека сакаат да ја фрлат, а мене некако ми стана жал за тендата и не сакав да заврши во отпад, им ја побарав. Од старт знаев дека ќе ѝ најдам нов живот. Се сетив дека тој материјал би бил одличен за торбички, модерни уникатни чанти коишто ќе издржат повеќе временски услови – раскажува Качар пред камерата на „Слободен печат“.
Изработката е различна во зависност од тендата, вели нашиот соговорник, кој неодамна дизајнирал парчиња и од тенда стара 25 години.
– При изработката со постара тенда се соочив со предизвици, прво добро да ја исчистам, а потоа и да се справам со еден непријатен интензивен мирис на ПВЦ. Тука процесот беше малку подолг – открива тој.

Качар вели дека претежно луѓето не можат да препознаат од што се направени торбичките, што на некој начин и го радува, бидејќи тоа е комплимент за добра изработка.
– Реакциите на потрошувачите кога ќе дознаат од што се торбичките се многу интересни. Во суштина, реагираат воодушевено затоа што претпоставувам ја поздравуваат пораката за рециклирање и намалување на отпад – вели тој.
Според него, оваа колекција е наменета за храбри луѓе што сакаат да бидат уникатни во стилот.
Погледнете го интервјуто на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.




