ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Космонаутко: Се ежам кога ќе се сетам како „Славејчињата“ ги прифатија децата со попреченост
Песната „Гуш и Бац“ на пејачката Наташа Крстевска Мијата, на која ѝ се придружија и активистот Денис Јанкуловски – Космонаутко и златните славејчиња, беше промовирана за првпат на големата сцена на фестивалот „Златно славејче“. Со артистите на сцената се појавија и децата со атипичен развој и испратија силна порака како што зборува и текстот на оваа инклузивна песна.
„Ти со љубов, јас сум љубов, не е чудо, не е чудо, што ние, ние ги сакаме сите!“
Јанкуловски за „Слободен печат“ раскажува за тоа дека оваа средба била многу емотивна, сите биле среќни што ја делат сцената, па дури капнала и по некоја солза.
-Ние возрасните бевме гости на овие дечиња, не се опишува чувството како беше на сцената. Имаше толку емоции, со минути стоечки овации од публиката, просто ни надојдоа и солзите радосници – вели Јанкуловски.
Оваа „славејска песна“, како што тој ја нарекува, е дел од кампањата за подигнување на свеста за прифаќање на различностите.
-Се ежам кога ќе се сетам како децата од Златно славејче ги прифатија децата со попречености. Кога излегуваа на сцената секое дете придржуваше до себе едно до две деца со атипичен развој. Тоа покажа дека децата ги прифаќаат сите без разлика на различностите. Ние возрасните сме тие што осудуваме и дискриминираме – вели Космонаутко.