ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јелена Спенџарска: Сакам да интервјуирам политичари, но тие имаат политички одговори на неформалните прашања

Јелена Спенџарска/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Јелена Спенџарска е познато ТВ лице, влијателна девојка која зрачи со својата широка насмевка и ведар дух. Покрај водителството, со кое се занимава последниве 20-тина години, таа е доста активна и на социјалните мрежи, особено на Инстаграм, каде што има повеќе од 57.000 следбеници, со кои ги дели своите ставови и секојдневието. Со неа зборувавме за нејзините желби и очекувања, за љубовта кон професијата и новинарството.

– Уште од мала знаев дека ќе бидам позната. Тоа многу чудно звучи, дури и јас кога ќе си го кажам. Меѓутоа, уште од детските почетоци, отприлика си ја трасираш кариерата, на пример, јас сум била цело време со микрофонот, сум била водителката на сите домашни прослави. Тоа ми било многу интересно, да ме гледаат луѓе, да ме слушаат, да правам некое шоу. Татко ми цело време велеше: „Ти еден ден ќе бидеш новинар“, а јас не сакав да бидам новинар. Сакав да бидам телевизиско лице. Тогаш не знаев дека како новинар можеш да бидеш и водител. И, знаеш како викат? Внимавај што си посакуваш, бидејќи еден ден може да ти се оствари. Јас не верувам во случајности, мислам дека животот сам си ги реди работите. Почнав кога бев студентка. И оттогаш таа телевизиската магија за мене е многу посебна, еднаш кога ќе застанеш пред камерата, цело време го сакаш тоа. Така почнав пред камера пред 18-20 години и оттогаш сум константно пред неа – вели Јелена за своите почетоци и за тоа како се вљубила во својата професија.

Секоја професија носи свои предизвици, па така и телевизиското новинарство, каде што работата е под лупа на народот и буквално секој потег може да биде осуден. Јелена е свесна за тие предизвици и вешто се бори со нив. Најголема желба ѝ е да ги извлекува личните приказни на своите гости, а тоа потешко ѝ оди со политичарите.

– Имам завршено новинарство, а прво сакав да се запишам на филологија, сакав да бидам професорка по англиски, но не ме примија, па некако овој универзум скрои завера против мене и завршив на новинарство. Новинарството ми беше втора опција, имав и малку притисок од татко ми, кој многу веруваше дека ќе бидам новинарка и така го завршив тој факултет. Како новинар, многу сакам да извлечам приказни од луѓето. Кај нас, јавните личности не можат да го прифатат мислењето на другите, односно не знаат да се носат со ставовите на другите луѓе, посебно во мала земја како нашата. Јас многу сакам да интервјуирам политичари, иако сум аполитична, но кога ќе дојдат политичарите, тие имаат политички одговори на моите неформални прашања. А мене не ме интересира политиката во државата, туку какви луѓе се тие надвор од функцијата. Сите се толку желни да слушнат нешто надвор од нивната функција, нешто за нивната човечна страна, а мене ми е тоа многу тешко да го извлечам од политичар – објаснува Јелена за предизвиците во телевизиското новинарство.

Јелена вели дека ги почитува поголемите верски празници и сака да ги прославува со своето семејство во домашна и топла атмосфера. Ако порано претпочитала забави и шетање со своите пријатели, сега сака да биде опуштена со блиските во родното Берово.

– Јас сум лик којшто освен Бадник, Божиќ и Велигден, не ги знам многу другите празници. Мислам дека тие денови, односно празници, јас ги доживувам повеќе како емоција, и не е толку важно каде си, туку како се чувствуваш во тој момент? Бадник и Божиќ во нашата религија се многу големи денови и будат нешто човечно во тебе. Обично за Бадник и Божиќ сум дома во Берово со семејството. За тие празници кршиме лепче со паричка. Има една многу интересна приказна околу паричката, мене во животот само еднаш ми се паднала паричката и тоа кога се запишав на факултет. Таа година била моја, иако јас сакам да кажам дека секоја година е моја. Исто ја сакам и Нова година, кога се завршува една година и почнува нова. Порано сум сакала да одам на веселби, свечености, во клубови, ме интересирало тоа во моите 20 години и цело време сум сакала некаде да одам. А сега, последните 2-3 години сум дома. Како минуваат годините, вредностите на човекот се менуваат и повеќе се вртиме кон себе и кон тоа што нам ни е важно во животот, кон нешто потопло, нешто постабилно – вели Јелена за тоа како ги поминува празниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот