ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ивановска: Мажите-семејни насилници тешко прифаќаат дека извршиле сексуално насилство
Камапањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ е меѓународна кампања која започнува на 25 ноември и трае до 10 декември.
Маж од внатрешноста на 40-годишна возраст е еден од 69 сторители на семејно насилство коишто ги користеле услугите на Прв семеен центар во Скопје оваа година. Тој поминал низ психосоцијален третман кој траел четири месеци, а исходот бил одличен според Фросина Ивановска, психолог во ХЕРА.
Препорачано
-Станува збор за човек којшто од Центар за социјални работи од друг град беше препратен кај нас. Кај нас дојде лут, гневен, бесен. Тој на првите две индивидуални средби изненадено негираше дека направил нешто, не сакаше да признае и се бранеше дека неправедно е обвинет од сопругата. За по втората средба да почне да го менува наративот и полека да почне да открива што се случувало во нивниот дом – вели Ивановска.
Мажите-сторители се комплексна појава за работа, вели нашата соговорничка, која објаснува колку тешко може да ги натера да почнат да зборуваат, и дека најтешко го признаваат сексуалното насилство.
-Речиси сите мажи-сторители не го разбираат сексуалното насилство врз сопругата како злодело. Тоа, но и многу други примери се испреплетуваат, претежно се слични приказни, слични однесувања и ситуации. Мажите се многу тешки за комуникација, пристапот да почнат да зборуваат е макотрпен процес. Кога доаѓаме до делот групни средби, каде што тие треба личната приказна да ја раскажат пред други непознати луѓе, тоа е навистина проблем. За разлика од жените-сторители на семејно насилство, кои ги има ретко, но ги има, со нив е многу лесна комуникацијата, тие уште во првите минути се отвораат, признаваат што направиле и споделуваат со останатите, разменуваат искуства – го споделува искуството од работата Ивановска.
Пријавете семејно насилство на http://mtsp.gov.mk/ns_article-prijavi-semejno-nasisltvo.nspx и на бесплатните телефонски СОС линии 070 075 077 И 141 700 .
Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ е меѓународна кампања која започнува на 25 ноември (Меѓународниот ден за елиминација на насилствата врз жените) и трае до 10 декември (Денот на човековите права). Оваа кампања е започната од генералниот секретар на ОН во 2008 година со цел да се стави крај на насилството врз жените.
Погледнете го целото видео со Ивановска на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.


