ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Хаџи Јанев: На Русија и одговара нападот да е масло на Украина за да може да заземе поголема територија

Методи Хаџи Јанев/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Русија останува на ставот дека зад страотниот масакр во трговскиот центар Крокус во Москва во петокот стои Украина и западните сили, со оглед на тоа што осомничените напаѓачи кои се муслимани од Таџикистан се фатени при бегство кон Украина. Од друга страна Исламската држава веќе ја презеде одговорноста за нападот во кој загинаа над 150 цивили.

-За жал, сега работите сите се во Москва, во смисла на истрагата и на диктирање на содржината за тоа кој и каков ќе биде наративот. Западните медиуми пак имаат своја приказна дека станува збор за ИСИС и ја форсираат сакајќи да ја дистанцираат Украина од ова и да не ескалираат повеќе работите. Сега многу малку можат да влијаат на таа содржина бидејќи најверојатно Москва има своја агенда и тука сакам да имплицирам дека тие имаат своја приказна за целата оваа работа, со што сакаме да се оградиме зошто немаме релевантни информации. Може само да ги анализираме надворешните фактите и ефектите што ги видовме  и од тоа да влечеме заклучоци, вели проф. Методи Хаџи Јанев во гостувањето во „Слободен печат“.

Според Хаџи Јанев во игра се три генерални сценарија за тоа што се случи во Москва, а тоа е дека нападот е дело на  ИСИС, или пак зад нападот стои друга држава, а дури има аргументи дека е креирано од руската служба ФСБ.

-Веројатноста дека станува збор за ИСИС е начинот на кој дејствува ИСИС, односно тој дејствува против сите кои не се склад со нивната агенда во нивниот голем калифат, а Русија точно е дека не е во таа приоритетна листа на таргети зошто таму предничат западноевропските држави, но точен е и фактот дека Русија ѝ зададе голем удар на Исламската држава во Сирија. ИСИС пак дејствува децентрализирано преку локални келии, а ја имаат глобалната идеја и тоа многу одговара на профилот на извршителите. Втора работа е дека може да има поединци кои тоа го прават сега од реванш, од одмазда бидејќи руските сили помагајќи го Асад во Сирија имаат ликвидирано поединци и тоа е уште една верзија која води кон тоа дека ова навистина е Исламската држава. Од друга страна, според снимките кои ги видовме, начинот на поставеност на напаѓачите, движењето, држењето на оружјето не одговараат на ИСИС туку станува збор за тренирани луѓе. И самите уапсени, иако при тортура, признаа дека биле платени за тоа. Постои и конекција со Турција дека тие биле спремани таму, а во рамки на руско – турската полициска соработка имаше и апсења во Истанбул на вакви лица па сега се јавува скепса дали навистина е ова Исламска држава, објаснува Хаџи Јанев.

Во однос на второто можно сценарио кое го пласира Русија е дека друга држава стои зад нападот исто така има низа факти, како и тоа дека ова е внатрешна работа на Русија и ова сценарио го има искреирано ФСБ. Тоа што нападот е попрофесионално изведен укажува ги потврдува теориите на Русија дека друга држава, прокси држава стои зад нападот. Има и аргументи дека третото сценарио, ФСБ да го искреирала инцидентот е изводливо зошто има низа пропусти и во дејствувањето на ФСБ, нивното пристигнување на местото на настанот, внатрешното обезбедување на објектот кое би требало да биде огромно, а сепак може било само фиктивно наведено, поради корупцијата која постои во Русија во секоја сфера, вели професорот.

– Сите тие работи ги оставаат овие енигми за тоа кој всушност стои зад нападите. Русија ќе продолжи да инсистира дека ова е масло на Украина бидејќи со тоа таа сега ќе сака да го оправда сега засилувањето на нападите или да го легитимизира заострувањето, а сето тоа е функција на итање да добијат што поволна позиција во преговорите што најверојатно ќе ги гледаме многу скоро, вели Хаџи Јанев.

Од друга страна Русија со неверување и дискредитација го прими предупредувањето за можни напади во Москва кое го испорачаа американските разузнавачи две недели пред терористичкиот напад во „Крокус“.

-Толку многу се загрозени односите помеѓу овие две водечки сили што секое дури и добронамерно се интерпретира како опасност дека е инженеринг на другите. Тоа добронамерно укажување од Американците, Русите го интерпретираат како злоупотреба и како организација од Американците, демек тие знаеле дека тоа е таму. Не велам дека немаат аргументи тоа да го тврдат, но велам дека во толку лоша состојба геополитички е светот, што на секоја искра и се дава геополитичка димензија и тука е проблемот, вели Хаџи Јанев.

Во секој случај Русија ќе продолжи да ја посочува Украина и западните сојузници како одговорни за нападот за да продолжи со засилено темпо со воени дејства во Украина и заземање на територија која при евентуално примирје ќе ја добие и на зелената маса.

-Aко дојде до смена во Америка на челната позиција на претседателските избори многу голема е веројатноста дека ќе има примирје, какво и да биде. Е сега кога ќе има такво примирје ќе биде многу битно што носите на масата или што е тоа што го имате освоено на терен. И заради тоа сега реков дека една од оние теории на заговор дека Русија сама си го има смислено ова, не тврдам дека е така, е дека на Русија и одговара ова да биде Украина за да може да ги оправда сега одмаздничките напади и со тоа фактички да го, прво да го засили темпото со коешто дејствува, второ да заземе поголема територија за пазарење. Русите секогаш тргаат со тие големи отварања за да го добијат она што го посакуваат, вели Хаџи Јанев.

Целата анализа на проф. д-р Методи Хаџи Јанев погледнете ја во продолжение:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот