
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Џуровски: Со користење на туѓи букви во натписи и реклами не се чува македонската кирилица
Не знам дали сум реинкарнација на Кирил и Методиј, но кирилицата што сега ја користиме во дигиталниот свет е реинкарнација на тоа што тие го направиле тогаш, за ние да комуницираме на ншиот јазик и во новата ера – вели за „Слободен печат“ Ласко Џуровски, типограф и графички дизјанер.
Препорачано
Ревносно се бори да ги поправи недостатоците, да ги покрие дупките, да ги промени грешките, не ретко и бесплатно ќе ја понуди својата работа и труд, само да живее македонската кирилица. Џуровски е лут кога ќе сретне натписи, реклами, па дури и објави од институции каде се заобиколуваат нашите букви, а постои можност да се употребат.
– Мене не ми е јасно зошто се прават такви грешки, посебно кај институции. Мојот револт го изразувам на тој начин што кога ќе забележам дека се случуваат некои работи кои се погрешни, кои не кореспондираат со вистинската македонска кирилица, за жал тоа е многу присутно и на социалните мрежи и на останатите медиуми, го нотирам. Но се обидувам да понудам и решение. Тоа решение треба да биде прифатено од корисниците на македонската кирилица. Ретко некој да ми се заблагодари и да сака да ја поправи грешката – вели Џуровски.
Според него најмногу загрижува тоа што институциите не реагираат на ова. Со желба да ги нотира грешките и да не дозволи да ја загубиме нашата кирилица како еден од темелите на нашиот идентитет, Џуровски низ годините се обидува да воспостави контакт со надлежните, но како што вели попусто.
– Ретко имам можност директно да комуницирам со институциите околу овој проблем. Јас потегнав иницијатива, направив еден избор на основните грешки што се повторуваат во медиумите и понудив решенија за сето тоа, односно конкретни решенија кои би ги решиле сите тие проблеми за во иднина. За жал, не наидов на разбирање, ниту на некаква реакција од нашите официјални институции, кои сметам дека тоа треба да го прават независно од мене – рече тој.

Нема оправдување за грешките коишто се прават, нагласува нашиот соговорник, бидејќи, како што вели, буквите од македонската кирилица се достапни бесплатно низ фонтовите.
– Најчест одговор кога ќе сугерирам е: „немам што да направам, таков е фонтот.“ Тоа не е оправдување. Најчесто користени системски фонтови на Мicrosoft, Miriam и Cambria, каков парадокс, но во себе ги содржат македонските кирилични букви. Значи, вие треба, ако го користите тој фонт, само да ги одберете – вели Џуровски.

Најголемиот проблем којшто е непознат за пошироката јавност е дека кај овие фонтови приоритет е даден за најбројните корисници на тој кириличен фонд. Во најголем број од случаите, тоа се руската популација. И затоа таму е даден приоритет на руските кирилични букви. Поради тоа и се прават грешките.
– Внимавајте, ако на фонтот пишува дека содржи кирилица, тоа не значи дека содржи македонска кирилица – рече Џуровски.
Креиран првиот фонт каде македонската кирилица има приоритет
Новиот фонт „Lasko initialis“ креиран од Џуровски се издвојува по повеќе нешта, тој е првиот фонт со приоритет на македонската кирилица, покрај тоа што содржи орнаменти, тој е варијабилен.
– Се работи за прв фонт, каде што приоритетот е даден на македонската кирилица, во ,,Lasko” немате проблеми за употреба на вистински македонски кирилични букви. Во него има основни стандартни тежини, варијабилната технологија овозможува вие во тој простор меѓу „лајт и блек“, да одберете илјадници други тежини кои ќе ви бидат потребни за дефинирање за употреба во вашиот проект. По тоа е „Lasko initialis“ посебен – вели Џуровски.

Според, Џуровски, ова е многу важно прашање за да се зачува јазикот во новата ера, а за тоа потребно е да се преземе нешто на институционален план со цел да се зголеми примената на македонската кирилица во дигталниот свет.
– Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и сосема е логично да пишуваме на македонска кирилица. Меѓутоа, проблемот кој се провлекува и е од технички придрода, но е решлив. Офгицијална институција, Владата, Министерството за култура на Р. Македонија, Институтот за македонски јазик треба да исконтактира со Меѓународната организација која издава кодови за секоја буква, „Јунокод“ (Unicode). Ние имаме среќа што поголемиот број од нашите букви веќе имаат јуникод броеви, тие не се регистрирани како македонски, меѓутоа, изгледот на тие букви е ист со некои други букви, кирилични или латинични. Единствено нашата буква „ѓ“ го нема овој број – рече Џуровски.
