ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дете со попреченост почна да зборува течно, откако кучето Роџер е миленик на Клиниката за психијатрија
Поминаа неколку месеци откако во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија беше донесен лабрадорот Роџер, како миленик на болницата, пред сè за пациентите, но и за вработените. Целта е да се применат едни светски методи за подобри услови.
Препорачано
„Слободен печат“ ја посети Психијатрија за да ги забележиме првичните придобивки од кучето. Среќата се чувствува меѓу ѕидовите на сите страни, од приемно, преку скалите нагоре, во секој оддел, во секоја соба на пациентите, во речиси секоја канцеларија каде што Роџер е сакан и почитуван, дури и во дворот меѓу соседите.
Нашите соговорнички со полна уста епитети ги раскажуваат деновите поминати со новиот „колега“, но и со радост пренесуваат какви резултати донело кај пациентите присуството на кучето.
Роџер е медијатор меѓу нас лекарите и нашите пациенти, вели „за „Слободен печат“ д-р Билјана Гагачовска, психијатар.
– Јас со вас можам да споделам неколку конкретни примери како неговото присуство влијае на моите пациенти кои се деца и адолесценти. На пример, фасцинантно е како за толку кратко време девојчето што воопшто не зборуваше, не сакаше да јаде, кога првиот пат ѝ го донесовме Роџер, таа полека почна да зборува и од тој момент почна да јаде. Потоа, детето што е со интелектуална попреченост и кое беше крајно запоставено, тешко зборуваше македонски јазик. Тоа многу се приврза за Роџер, а тоа е дете кое, за жал, нема добро поврзување во семејството. Забележавме како момчето почна да зборува почесто и не само тоа, туку замислете, тој веќе зборува течно македонски јазик. Уште еден пример на мала пациентка, девојче коешто страдаше од опсесивно-компулсивно растројство, кое ги држеше рачињата нагоре и се плашеше да допира, не допираше буквало ништо, сè гледаше дали е валкано. Таа кога го запозна Роџер, го напри првиот чекор за да го гали и да го гушка и од тој момент натаму кај неа се забележаа видливи промени, таа почна да фаќа храна, да ги мие рацете – вели д-р Гагачовска.

Примерот со Роџер треба да стане секојдневие и во други институции, вели новинарката Мери Јордановска, долгогодишен активист за правата на животните и дел од проектот за вдомување на Роџер.
– Во Македонија е реално многу ниска свеста во однос на интегрирањето на кучињата во целиот општествен живот , а да не зборуваме за потребата од нив во една здравствена установа. Примерот со Роџер е еден феномен, кој би требало да се практикува особено во старечки домови, во домови за пензионери, во секакви установи каде се работи со деца. Меѓутоа, кај нас, тој дел, иако е регулиран, не се применува. Јас искрено се надевам дека свеста ќе се разбуди, еве го направивме првиот чекор, сега само треба да продолжиме да чекориме во таа насока – вели Јордановска.
Роџер не е одбран случајно
Лабрадорите се посебна раса на кучиња, како што вели Јордановска, тие најмногу се применуваат во делот на активности што се поддражани од животни.
– Лабрадорите се полни со емпатија кон луѓето, многу лесно можат да се контролират, не реагираат импулсивно, се поврзуваат со луѓето, ги чувствуваат нивните емоции посилно од останатите раси на кучења, така што Роџер не беше случајно избран. Се препорачува и би било убаво, доколку постојат услови, за секое дете е убаво да има миленик – додава таа.

Со цел да се избегне каков било инцидент, Роџер е постојано под надзор и не се доведува во ситуација да биде во присуство на пациент или вработен кој има фобија од кучиња.
– Редовно прашуваме, пред сите пациенти, пред секоја група, дали некој се плаши од куче, дали се согласни да го пуштиме во нивно друштво. Имавме ситуација кога во една група Роџер ги помириса сите и најдолго застана кај еден пациент, кој подоцна призна дека малку се плаши. Побарав да го тргнеме, но пациентот рече да остане. Од сите во просторијата Роџер легна покрај тој пациент. По неколку минути стравот почна да исчезнува, ни соопшти пациентот. На следната средба пациентот самиот го побара Роџер, вели: „Каде е мојот другар?“ – раскажува Александра Цонева, социјален работник.

Македонија е една од ретките земји во регионот, покрај Хрватска и Грција, која применува присуство на животно како благосостојба во една институција.
– Од активностите асистирани со животни, прво и најосновно е кучето, потоа следуваат коњите за коишто реално ние немаме услови. Таа е една позната еквинотерапија што посебно се користи кај деца и адолесценти. Но, прво да го прифатиме Роџер, па потоа зошто да не почнеме да размислуваме и за други животни? – вели д-р Гагачовска.
Погледнете во видеото на јутјуб-каналот на „Слободен печат“ како си поминавме ние во друштво на прекрасниот Роџер.


