ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Дејан Кошутиќ: Се поправаат локомотиви, се обезбедуваат резервни делови…
Ако ја гледате европската агенда каде е железничката инфраструктура, каде се коридорите, какви се за нив тајминзите, фокусите… може да кажам дека тоа е бранот што ние сега треба да го фатиме и конечно да ја вратиме железницата, а преку неа и економијата, но и довербата на граѓаните да патуваат со воз.
Никогаш како досега не била поповолна европската агенда за железничкиот транспорт, затоа очекувам да ја искористиме таа можност и да го вратиме меѓународниот патнички железнички сообраќај. Но, важно е да работиме и на враќањето на довербата на граѓаните во Железницата. Успеавме да го стабилизираме товарниот транспорт, не на посакуваното ниво, но ќе продолжиме да го развиваме, затоа што може да биде профитабилен бизнис. Во меѓувреме ги поправаме локомотивите и гарнитурите што стоеле неискористени и договараме обезбедување на резервни делови.
Препорачано
Ова во разговор за „Слободен печат“ го изјави Дејан Кошутик, директор на Железници на Република Северна Македонија транспорт АД. Тој на оваа функција дојде во јуни, но потсетува дека има долго искуство и дека пред 20 години бил вклучен во трансформација на Железницата, кога се одвои инфраструктурата од транспортот. Сега вели дека „железницата ја нашол во слободен пад“.
– Затекнав комплетно растурен возен парк, закочен товарен сообраќај. Она што прво го направивме беше закуп на 4 локомотиви од Србија-карго, со што ги олабавивме Табановце и Гевгелија. Сега товарниот сообраќај донекаде е нормализиран. Ги затекнавме вон сообраќај четирите релативно нови „кинески“ локомотиви, кои всушност се со силна машина на „Сименс“. Веќе првата е вратена во сообраќај. Стоеја со месеци со незаменети тркала, без специјален алат и без резервни делови. Благодарение на директорот на Влеча, а пред сè на нашите колеги од работилницата и од одржување се направи специјален алат со кој би можела да се вади осовината за да полесно се заменат тркалата. На крајот на јануари, почетокот на февруари и другите локомотиви треба да се врата во функција. Така, со овие 4 наши и со четирите српски што ни се на повремен закуп додека да се стават нашите во функција и потоа на повремен „стенд бај“ го решаваме прашањето за товарниот сообраќај – објасни Кошутиќ.
Тој рече дека фокусот на 2025 и 2026 година ќе биде зајакнување на возниот парк. Притоа, посебен акцент ќе се стави на репарирање на постојните локомотиви, што нема да бара период подолг од половина година. Не се исклучува и набавката на нови локомотиви, но Кошутиќ потсетува дека тие се прават по порачка и дека за тоа треба долг период.
Во однос на патничкиот сообраќај, Кошутиќ потсети дека преку заемот од ЕРБОР ние имавме набавено и четири електролокомотиви, четири дизел моторни гарнитури и два електролокомотиви. Тој вели дека тие се враќаат во сообраќај.
– Постои опција, преку кинеската фирма од која е набавен тој возен парк, да се обезбедат и резервни делови и специјален алат, сервис и техничка поддршка. Така побрзо ќе се решава и системот на греење, системот на санитарни јазли… – вели директорот.
Во однос на обезбедување работен кадар, со училиштето „Владо Тасевски“ е склучен договор за обезбедување машиновозачи и веќе има седум млади идни машиновозачи, кои се на платниот список на Железница транспорт, но кои сè уште не го завршиле испитниот дел поради констатиран застој и при крај е решавање на тој проблем.
Кошутиќ вели дека го посетиле претставници од „Оптима турс“, најголем организатор на патнички сообраќај на европско ниво во последните 30-40 години и го прашале какви се условите, дали може да се смета на возобновување на линијата Минхен, Будимпешта, Белград, Скопје, Солун.
– Ако ја гледате европската агенда каде е железничката инфраструктура, каде се коридорите, какви се за нив тајминзите, фокусите… може да кажам дека тоа е бранот што ние сега треба да го фатиме и конечно да ја вратиме железницата, а преку неа и економијата, но и довербата на граѓаните да патуваат со воз. Пред два месеца имав средба со колегите од „Србија воз“ и ние веќе работиме на одредени сценарија. Не може одеднаш се да се направи, но може во две фази на пример, прво рестартирање на линијата Скопје-Ниш – објасни Кошутиќ во врска со оптимистичките најави во српските медиуми дека ќе дојде време кога од Скопје до Белград со воз ќе се патува за два часа.


