
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дејан Азески: Глобалниот поредок со Трамп ќе биде базиран повеќе на реал-политиката
Светот ќе оди кон едно меѓународно општество или геополитика која ќе биде базирана повеќе на реалноста. Досега глобалниот поредок се засноваше на идеали кои според мене се покажаа како нефункционални. Ако увидиме каде сме биле во 1989 година по падот на Берлинскиот ѕид и кои биле намерите за неговото рушење тогаш ќе увидиме дека сите овие години всушност ништо не сме постигнале. Напротив, светот се врати на полоша геополитичка ситуација уште од пред 1962 година и тогашната кубанска криза и стравувањата за избивање на нуклеарна војна. Сите овие показатели навестуваат дека ќе дојде до промени на глобалниот поредок, а светот под водство на Доналд Трамп ќе биде повеќе обликуван од реал-политиката, вели историчарот и долгогодишен новинар Дејан Азески.
Препорачано
– Европа одамна увиде дека политиката на Вашингтон ќе се менува доколку повторно дојде Доналд Трамп на власт. Тоа можеше да се види и по трендот на менување на неолибералните влади на Стариот континент, почнувајќи од Словачка, Хрватска, Романија и Италија итн. Иако европските сојузници сè уште бараат да го заштитат старото идеолошко ткиво на американската демократска партија со Европа кое повеќе од седумдесет, осумдесет години владее со Европа, тоа сега многу тешко ќе може да се одржи. Таков последен обид имаше со канцеларката Ангела Меркел со нејзиниот последен мандат, кога Барак Обама ја замоли да остане и уште еднаш да се кандидира за канцелар. Тоа можеби беше и последниот обид на САД да го поддржат и продолжат продемократското, односно пролибералното крило во Европа кое сега со Трамп нема да го има – посочува Азески.
Историчарот Азески во разговорот во студиото се осврна и на последните империјалистички пораки на претседателот Трамп кон Канада, Гренланд, но и Панамскиот канал.

– Претпоставувам дека Трамп може да создаде услови да дефинира или редефинира некои од овие територии да влезат под некаков нов договор со кој САД би го вратиле своето влијание таму. Гренланд со преговори исто така е реална опција за Трамп. Тоа е така бидејќи таму има само 58.000 жители и голема територија и сè уште незнаени ресурси. Данска во моментов нема ресурси сето тоа да го изменаџира. Дали пак тоа е правилно? Ќе кажам не, апсолутно не. Но ако сето тоа се изменаџира дипломатски на некој начин мислам дека е возможно – анализира Азески.
Повеќе од интервјуто со Дејан Азески можете да погледнете во видеото погоре.