Благица Петрески Финанс Тинк - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Благица Петрески, дирекоторка на Институтот „Финанс Тинк“ - Фото: Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Благица Петрески: Капиталните проекти се клучни за општините, но имаат ниска реализација

Иако општините ги подобриле финансиските резултати, две третини од нивните приходи и понатаму доаѓаат од централната власт. Парите ги трошат така што го исполнуваат планот за плати и тековни трошоци, но не и за инфраструктурни и други капитални проекти

Општините во Македонија и понатаму се силно зависни од централниот буџет, иако се забележува подобрување на нивната фискална ефикасност. Според извршната директорка на Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“, Благица Петрески, во просек 66 проценти од приходите на општините доаѓаат од државата, додека само една третина се сопствени извори, како данокот на имот и комуналните такси.

-Општините дел од финансирањето го обезбедуваат преку сопствени приходи, како што се данокот на имот и приходите од различни дозволи. Меѓутоа, најголемиот дел од средствата доаѓаат од централниот буџет, преку трансфери за пренесените надлежности, како што се образованието и детските градинки. Тоа се таканаречените блок-дотации. Иако има напредок во извршувањето на буџетите – од 65% во 2017 на 85% во 2024 година – општините сè уште се далеку од финансиска самостојност – истакна Петрески во интервју за „Слободен печат“.

Во прибирањето на даноците има големи разлики, односно има општини со висока фискална стабилност, со речиси целосно извршени буџети и натпросечно учество на приходите од данок на имот – над 6 проценти. Главно тоа се поголемите општини.

-Од друга страна, има и помали општини кои и покрај напорите, имаат ниско учество на приходите од данок на имот – под 2-3 проценти, поради мала даночна база. Третата група се општини со ограничени капацитети и ниско извршување на буџетите, кои речиси целосно зависат од Министерството за финансии-вели Петрески.

Таа забележува и дека платите и тековните трошоци се реализираат скоро целосно, но капиталните инвестиции, кои се клучни за развој на општините, во просек се извршуваат само околу 60 проценти од планираното.

-Не може да се каже дека поголемите општини секогаш имаат поголем капацитет – има примери и на мали општини со добро планирање и дисциплина. Главниот проблем често е внатрешниот капацитет за планирање и фазна имплементација, бидејќи многу општини започнуваат многу проекти, но не ги завршуваат – вели Петрески и потенцира дека токму капиталните проекти се најзначајните како за населението, така и за привлекување на инвеститори.

Инвеститорите ја избираат општината врз основа на инфраструктурата, достапноста на работна сила, поврзаноста со други општини, но и ефикасноста на локалната администрација, предупредува директорката на „Фајненс тинк“.

-Голем проблем е долгата и комплицирана постапка за добивање дозволи и усвојување урбанистички планови. Тоа мора да се подобри. Пример за успешна општина е Илинден – каде што присуството на инвеститори се одразува и во буџетот, и во приходите, и во расходите. Соработката со компаниите придонесува за подобри административни капацитети и резултати-вели Петрески.

Благица Петрески Финанс Тинк - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Фото: Слободен печат – Методи Здравев

Во однос на понатамошната децентрализација, Петрески смета дека пред да се доделат нови ингеренции на општините, мора да се подобри дисциплината и транспарентноста во управувањето со јавните пари.

-Не треба сите општини линеарно да добиваат повеќе надлежности – тоа треба да биде врзано со резултатите и ефикасноста – нагласи таа.

И покрај државните интервенции за раздолжување, долговите на општините повторно растат. Заклучно со јуни 2025 година, неплатените обврски изнесуваат 64,7 милиони евра, што е 9% од сите во јавниот сектор. Ако се додадат и локалните јавни претпријатија, учеството достигнува 25 проценти.

-Во 2018 година беа дадени 50 милиони евра за раздолжување, а во 2023 Министерството за финансии издаде одобрение за структурни обврзници во вредност од 275 милиони денари за Тетово, Желино и Виница. Сепак, ваквиот начин на раздолжување создава морален ризик – испраќа порака дека општините можат да прават долгови, а државата ќе им ги плати. Долговите, покрај тоа што ја нарушуваат фискалната одржливост, го ограничуваат и развојот – особено кај општини кај кои долговите се дури 7 – 10 пати поголеми од капиталните расходи или достигнуваат половина од приходите – предупредува Петрески.

Петрески на новите градоначалници им порачува дека треба повеќе да се грижат за зголемена наплата на сопствените приходи, дигитализација на услугите, подобра координација со Катастарот и поголем фокус на капитални трошоци. Само така, вели таа, општините ќе можат да станат финансиски независни и одговорни партнери во процесот на децентрализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот