ВИДЕО: За МЗТ Скопје Аеродром остануваат теоретски шанси за опстанок во АБА лигата

Пред голем резултатски императив беа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во дуелот со екипата на Игокеа. Победата беша ставена како „морање“, што донесе уште поголем притисок за кошаркарите во „сино-бела“ комбинација. И не го издржаа аеродромци, „паднаа“ кога за тоа беше и најмалку потребно, Игокеа славеше во СЦ „Јане Сандански“ со 78:84 во рамките од АБА лигата.
Максимално израмнет беше првиот дел од играта во кој двата противници разменија по неколку водства. „Металците“ имаа позитива од пет поени (18:13), по нешто повеќе од шест минути од играта. Но, тој прв дел од играта сепак им припадна на гостите од Лакташи, кои имаа „плус три“ (27:24) на истекот на првиот период.
Во вториот беше вистинско „бркање“ на тоа ситно, но значајно водство на Игокеа. Домашните кошаркари успеаја да го стигнат и престигнат, некаде на крајот, за тој дел од играта го завршат со минимално водство (42:41).
Второто полувреме беше за заборав за сите оние кои го сакаат МЗТ, особено тоа се однесува за последната четвртина, онаа во која „сино-белите“ ги прокоцкаа своите шанси не само за победа на овој натпревр. Се чини и за останување во елтитата јадранска конкуренција. Запишаа пораз по кој извесно е, тешко дека ќе успеат да го надокнадат во оние натпревари кои следуваат во АБА друштвото.
Последната минута МЗТ Скопје ја дочека со минус од дури 11 поени (69:80), но не се откажаа домашните кошаркари ниту тогаш. На седум секунди пред крајот, по тројката на Бурсаќ, беа во заостанување од само два поени (78:80). Но, Кондиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања, ги погоди двете, донесе недостижни 82:78, кои некоја секунда подоцна, откако Бурсаќ не погоди уште еднаш за три поени, ги зголеми Наранџиќ, кој го постави конечниот резултат.
За извесен опстанок на Игокеа, а само теорија за македонскиот првак пред последните четири кола од регуларниот дел во сезоната, да се помрдне од бројката од четири победи која ги остава на последната позиција на табелата.